Достапни линкови

logo-print

Жените треба да преговараат за поголема плата


Јозет Тајхузен претставник на жените од Холандија во Собранието на Обединетите Нации.

Јозет Тајхузен претставник на жените од Холандија во Собранието на Обединетите Нации.

Жените не преговараат доволно за нивната плата. Тие треба да почнат да преговараат за тоа и да ја покажат разликата, затоа што многу луѓе во компаниите не се свесни дека постои толкава разлика во платите, вели Јозет Тајхузен претставник на жените од Холандија во Собранието на Обединетите Нации.

Вие добивте национална награда за проект со кој на жените од засолништа им се нуди помош за старт ап на нивна компанија. Дали овој проект веќе се спроведува некаде и какви се резултатите досега?

Да, добив награда за економско зајакнување, бидејќи тоа е голем проблем во Холандија, половина од жените не се финансиски независни. Го стартувавме проектот од засолништата затоа што тие немаат шанса да станат претприемачи во моментот. Пилот проектот го започнавме со 20 жени од три града во Холандија. Резултатите до сега се позитивни, жените стекнуваат многу самодоверба, а и доколку не стартуваат бизнис тие добиваат самодоверба дека може да дојдат до добро вработување. Станува збор за пилот групи во три различни градови, а наскоро треба да одам до Советот на Холандија за да дадат поддршка за следната фаза од проектот за старт ап на компанија.

Кои се вашите препораки за да им се помогне на жените кои се дел од ранливите социјални групи, како да им се помогне за да станат финансиски независни во Македонија?

Па ние знаеме дека многу од маргинализираните жени, како што се жените кои што доаѓаат од шелтер центрите, жените кои се дел од маргинализирани групи, жените кои се бегалци од кризни региони и др, се соочуваат со тешкотии во обидите да најдат работа, затоа претприемништвото може да биде убава опција за нив. Мислам дека така е секаде. Неодамна бев во Пакистан и го видов тоа таму. Мислам дека за жените низ целиот свет тоа е многу добра опција, не за секоја жена, туку за оние кои што имаат добри бизнис идеи и имаат квалитет за претприемништво, тоа е реална опција за успех. Тоа е опција затоа што е тешко да најдат работа и бидејќи така полесно ќе можат да ги комбинираат своите домашни обврски. Многу од овие жени кои се во шелтер центрите се сами со нивните деца и навистина е тешко во таква ситуација да се вработат со полно работно време, заедно со времето што треба да им го посветат на децата.


Според последните податоци во Македонија само 12 проценти од жените се на високи менаџерски позиции, зошто е тоа така, каде лежи проблемот?

Јас мислам дека ние се уште живееме во општество во кое мажите се доминантни, таков е случајот во Македонија, но тоа е исто и во Холандија и во други земји. Мислам дека има неколку добри работи кои се случуваат во развојот на Македонија, а се однесуваат на еднаквоста, но сепак мислам дека е потребно време за да почне повеќе да се цени квалитетот на жените како бизнисменки. А тоа не доволно се почитуваат ниту во Македонија, ниту во Холандија. Јас сум бизнис жена, но многу мажи мислат дека сум секретарката на некој маж кој се занимава со бизнис. Но јас не сум тоа, јас сум бизнис жена, и ние мора да најдеме начин да бидеме повеќе ценети, а и воедно да имаме добри примери бидејќи тие покажуваат дека една жена може да има висока позиција, може да биде добар претприемач и да биде добра мајка во исто време.

Зошто баш во образованието и здравството жените се позастапени на менаџерски позиции во однос на другите области?

Тоа се типични области каде што веќе многу, многу години жените работат. Во овие сектори за водење грижа, во тоа сме многу добри. Многу сме добри во создавање на вредности за општеството, исто така и во претприемништвото. Гледаме многу жени претприемачи во образованието, здравството, но и во социјалното претприемништво. Мислам дека тоа кај жените е и по малку биолошко, тоа се нештата што навистина ги сакаме, а за мажите на пример се забележува дека поактивни се во градежништвото или индустријата, тоа се гранки кои повеќе се поврзуваат со мажите. Мислам дека тоа е веќе со десетици години така, и сметам дека тоа не може лесно да се смени. Во Холандија многу проекти се спроведуваат за да се вклучат жените во техничките индустрии. Можеби тогаш кога луѓето ќе го видат тоа, тоа ќе им биде пример и можеби младите девојки би можеле да изберат да бидат инженери на пример.

Еден од проблемите во Македонија е што жените кои имаат исти работни позиции со некој маж , имаат помала плата, а работат иста работа. Зошто е тоа така и како може да се искорени?

Да, во Холандија има околу 18 проценти разлика, а тоа е и просек во Европа. Мислам дека жените не преговараат доволно за нивната плата тоа е една работа. Кога јас работев во неколку компании јас секогаш преговарав за плата, жените сметаат дека тоа е чудна идеја, додека за мажите тоа е логична идеја, вие само се обидувате да добиете поголема плата. Мислам дека покрај преговорите влијае и ставот дека мажите имаат повеќе квалитети од жените, особено оние на повисоки позиции. Ние мислиме дека мажите можат тоа да го сторат и дека се разбира за тоа треба соодветна плата.

Тоа е нешто во нашите сфаќања, но и нешто што може да го смениме како жени, да започнеме да преговараме за тоа и да ја покажеме разликата, затоа што многу луѓе во компаниите не се свесни дека постои толкава разлика во платите.

Еден од проблемите со кои се соочуваат жените во Македонија се дискриминација поради пол и помали работнички права, Иако е незаконски, се случува на интервјуа за работа работодавецот да те праша за планови за семејството и за деца. Тоа делумното влијае врз одлуката за вработување. Како може да се надмине тоа?

И ние делумно се соочуваме со истата ситуација, многу од нашите права во Холандија на пример за жените кои користат трудничко отсуство или слично, се договорено со синдикатите, затоа што нивната работа е многу важна кога станува збор за работнички права и тоа може да биде начин на решавање на проблемот. Ако во Македонија сметате дека жената има право да оди на породилно отсуство од работа или да работи со половина работно време или што год и да сакате да договорите со работодавецот. Мора да го направите тоа преку агенции надлежни за такви преговори, мора да ги користите женски организации за да се покаже сила во битката за правата, мора да им покажете на владините институции или синдикати дека таквото право ќе има позитивен ефект врз економијата. Луѓето понекогаш мислат дека на пример породилното отсуство на жената од работа ќе има негативен ефект врз економијата. Но, тоа не е така, мислам дека треба преку бројки да покажете како другите држави го прават тоа, и да научите од нивните искуства, од многу земји, и да го видите ефектот врз економијата. А може да има многу позитивен ефект затоа што луѓето стануваат посреќни ако добијат повеќе права и додека работите за вашиот работодавец вие сте среќни затоа што тој се грижи за вас и продуктивноста ваша автоматски расте.

Како може да се стимулира женското претприемништво?

Луѓето во Македонија се навикнати да работат со полно работно време, така да многу е тешко за жена, а и за маж исто така да направат избор од 100 процентно посветување на претпримеништво, тоа е тешка одлука да се донесе. Мислам дека е потребно да им укажете на жените дека ги имаат квалитетите за тоа и повторно ќе кажам покажете им примери, започнете со едукација за претпримништво на сите нивоа и сите видови на студии како што се образование, здравство каде што жените и најчесто се одлучуваат за работа, покажете им дека постои вистинска опција за успех, можете да ги живеете вашите соништа. Потребно е да се реши глобалниот проблем со вработување, претпримеништвото е дел од решението, претпримеништвото е потребно на сите нивоа и во сите сектори. За старт ап на компании ви се потребни владини програми или пак интернационални програми, за да добиете помош, затоа што не е дека луѓето немаат идеи или немаат квалитети за нешто туку им е потребна поддршка и поттурнување за да стартуваат успешно со бизнис. На секоја економија и е потребно претпримништвото за подобрување на финансиската состојба, но и за намалување на сиромаштијата, за подобрување на благосостојбата во земјата, затоа се надевам дека следниот пат кога ќе дојдам во Македонија ќе има зголемен број на претприемачи кои иако ќе наидат на по некој проблем сепак ќе бидат успешни и среќни со нивните работи.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG