Достапни линкови

Конечни резултати: Иванов - 449 илјади, Пендаровски 326 илјади гласови


Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов во првиот круг од претседателските избори што се одржаа вчера освои 449.068 гласови или 51,67 проценти, а за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски гласале 326.133 гласачи, односно 37,52 проценти, објави денеска Државната изборна комисија на нејзината веб страница. За кандидатот на ДПА Илјаз Халими гласале 38.966 гласачи или 4,48 проценти, додека Зоран Поповски од ГРОМ освоил 31.366 гласови, односно 3,61 проценти. Ова се првичните конечни податоци, кои се однесуваат за сите 3.512 избирачки места.

Излезноста во првиот круг од претседателските избори е 48,84 отсто или вкупно гласале 869.137, а право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.

Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг, односно Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
XS
SM
MD
LG