Достапни линкови

logo-print

Украина - Нема да дозволиме нов Крим


Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итна седница за ескалацијата на кризата во источниот дел на Украина. Состанокот беше побаран од Русија по ултиматумот на Киев до проруските активисти да го предадат оружјето или ќе се соочат со голема антитерористичка акција.

На седницата на Советот за безбедност, рускиот амбасадор во Обединетите нации Виталиј Чуркин изјави дека бил алармиран од ваквиот украински ултиматум.

„Киев би требало да ја запре употребата на сила против луѓето во источна Украина и да почне вистински дијалог“, изјави Чуркин, додавајќи:
„Некои луѓе, вклучувајќи ги и во оваа соба, тврдоглаво одбиваат да ги видат вистинските причини за она што се случува во Украина и постојано ја бараат раката на Москва во настаните во југоисточниот дел на Украина“, рече тој.

Чуркин додаде дека Западот е тој што ќе реши дали може да се избегне граѓанска војна во Украина.
Некои луѓе, вклучувајќи ги и во оваа соба, тврдоглаво одбиваат да ги видат вистинските причини за она што се случува во Украина и постојано ја бараат раката на Москва во настаните во југоисточниот дел на Украина.


Американската амбасадорка Саманта Пауер ги отфрли ваквите оценки за кризата во Украина велејќи:

„Но, факт е дека ова е најтажен вид на нестабилност. Таа е целосно вештачки предизвикана. Оваа нестабилност е напишана и кореографирана во и од Москва“, рече Пауер, додавајќи дека Соединетите Држави се заедно со Украина во спроведувањето на основниот принцип дека иднината на таа земја мора да биде решена од украинскиот народ.

Украинскиот амбасадор во Светската организација Јуриј Сергеев исто така забележа дека станува збор за вештачки создадена криза од Русија и побара од Москва веднаш да ги запре акциите кои имаат за цел повреда на територијалниот интегритет на Украина.

„Според украински разузнавачки податоци, во изминатиов месец ипол, во источните делови на Украина, агенти од руските специјални служби биле вклучени во голема операција за преземање на власта и за дестабилизирање на ситуацијата во тој дел на земјата“, рече Сергеев.

Како своевидна потврда за тоа британскиот амбасадор во Њујорк Лајал Грант потсети на големите руски сили во регионот.
Факт е дека ова е најтажен вид на нестабилност. Таа е целосно вештачки предизвикана. Оваа нестабилност е напишана и кореографирана во и од Москва.
Според него, неприфатливо е тоа што Русија настојува да ја наметне својата волја во Украина, користејќи дезинформации, заплашување и агресија.

„Сателитски снимки покажуваат дека има меѓу 35 и 40 илјади руски војници во близина на границата со Украина кои се опремени со воени авиони, тенкови, артилерија и логистичка поддршка за единиците“, рече Грант.

Во ултиматумот, украинскиот претседател Турчинов посочи дека Киев нема да дозволи да се повтори Крим кој во март беше анектиран од Русија.

Официјална Москва оцени дека одлуката да се употреби сила против демонстрантите е несоодветна и побара од украинските власти веднаш, како што се наведува во соопштението, „да престанат да водат војна против сопствениот народ“.

Ултиматумот на Турчинов следуваше откако проруски милитанти ги зазедоа административните згради во Словјанск и во неколку други источни градови, барајќи рефередум за автономија и можно приклучување кон Русија.

Во вчерашната акција на украинските власти во Словјанск, според министерот за внатрешни работи Арсен Аваков, имало убиени и ранети.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG