Достапни линкови

ДИК: Иванов 447 илјади, Пендаровски 325 илјади гласови


Никола Рилкоски, претседател на Државната изборна комисија.

Никола Рилкоски, претседател на Државната изборна комисија.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов победи на првиот круг од претседателските избори со добиени 447.109 гласови (51,63%), втор е кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 325.119 гласови (37,54%), покажуваат првичните неофицијални резултати што ги објави Државната изборна комисија на својата веб страница. Податоците се однесуваат за обработени 99,46 проценти, односно 3.493 од вкупно 3.512 избирачки места.

Илијаз Халими од ДПА има освоено 38.893 гласови (4,49%), а Зоран Поповски од ГРОМ 31.291 гласови (3,61%).

Излезноста на првиот круг од претседателските избори е 48,86 отсто или вкупно гласале 865.951, а право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список.

Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски на вечерашната прес-конференција рече дека изборите поминаа мирно со регистриран еден едиснтвен инцидент во Неготино каде во попладневните часови од непознато лице е искршена гласачка кутија и гласањето е прекинато на тоа гласачко место.

„Гласањето помина без проблеми и во дијаспората, а сите гласачки места во Македонија беа отворени навреме“, посочи Рилкоски.

Првичните резултати од гласањето Државната изборна комисија ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг, односно Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
XS
SM
MD
LG