Достапни линкови

Груевски и Иванов - Народот покажа што поддржува


Денеска имавме навистина мирни, фер и деморкатски избори, избори како што и доликуваат на Република Македонија на кои граѓаните во огромно мнозинство донесоа одлука да продолжи концептот на перманентни реформи, на цврсто даден збор и држење на зборот, на тимска работа за доброто на државата, на чесност и патриотизам, концепт на нови работни места и силни инвестиции во сите области, порача претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов вечерва по победата во првиот изборен круг.

„Денеска народот поддржа јасен концепт, наспроти нестабилноста, лагите и навредите. Денеска народот им одговори што мисли за претседателските понуди на партиите. На 27 април граѓаните ќе одговорат на уште едно прашање. Ќе одговорат со уште поголема поддршка и ќе кажат што мислат за нашиот тим“, рече Иванов.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак рече дека изборниот резултат недвосмислено ја покажува волјата на граѓаните и какви вредности поддржуваат - труд, многу работа, чесен приод кон народот и работата, одговорност и посветеност кон целите на дадената доверба.

На прес-конференција, Груевски нагласи дека во првиот круг на изборите победил нивниот кандидат Ѓорге Иванов со убедлива поддршка од 436 илјади гласови и со разлика од противкандидатот на СДСМ Стево Пендаровски од околу 118 илјади гласови.

„Познавајќи го Иванов знам дека тој ќе биде претседател на сите граѓани. Пред нас се уште 12 изборни дена. Ние ќе се бориме за секој глас и секому да му ги доближиме нашите проекти, нашите вредности, нашите планови за наредните четири години. Ние и Иванов ќе се бориме да ги објасниме сите наши проекти“, рече Груевски.

Тој изрази благодарност за добиената поддршка, која им дава поттик за крајната цел како за изборот на претседател, така и за добивањето на 62 места во Парламентот.
XS
SM
MD
LG