Достапни линкови

„Изборното цунами“ во фокусот на неделниците


Неделниците ги анализираат изборите, кандидатите и нивните програми до сите можни агли.

Топ тема на независните интернет портали, а и во најновиот број на Фокус е отвореното писмо од професорот Светомир Шкариќ, кој пред пет години прв го поддржа досегашниот претседател и актуелен претседателски кандидат на владејачката партија, Ѓорге Иванов токму до Иванов во кое му објаснува зошто не заслужува да добие втор мандат. „Прво и најзначајно“, пишува професорот Шкариќ, „е тоа што не си подготвен да бидеш независна личност, што немаш желба да излезеш од рамките на партијата, што стана човек без нови идеи, од полза за иднината на Македонија“, му пишува, покрај другото, професорот по уставно право Шкариќ на својот некогашен студент во отвореното писмо што го објавува Фокус, а коешто не сакал да го објави Утрински.
Прво и најзначајно е тоа што не си подготвен да бидеш независна личност, што немаш желба да излезеш од рамките на партијата, што стана човек без нови идеи, од полза за иднината на Македонија.



Дури шест текстови, што анализи или видувања на своите новинари, што интервјуа, објавува Република во најновиот број. Сериозна програма версус политички памфлет, Кога Пендаровски ќе стивне, „Новото лице“ на опозициската бесмисленост, Виолетови анкети и розови очила, се насловите на овие прилози, а во уводникот, главниот уредник апелира до граѓаните да не се плашеле од никакви закани, да не потпаѓаале под ничии притисоци и да не ги слушале оние што го потценувале гласот на граѓанинот и се обидувале со ефтини финти да го искористат.
За жалење и тажење сме деновиве граѓаните на Македонија... Сериозно ни се заканува опасност да се удавиме во двојното изборно цунами.

„За жалење и тажење сме деновиве граѓаните на Македонија... Сериозно ни се заканува опасност да се удавиме во двојното изборно цунами на масовно заглупување, да нè збрише и задуши лавина од фрази и празни ветувања, да оглувиме во хистерична какофонија на стари и нови лаги и манипулации“, пишува авторот на колумната Таленти во Глобус. Авторот потсетува дека почетокот на изборната кампања за вонредните парламентарни покажува дека докажаното „богато“ искуство на граѓаните на Македонија ќе биде темелно проширено, овој пат со поткупување и корумпирање на избирачите со ветувања за отпишување на долговите на сиромашните и социјално ранливите категории граѓани. Тоа е школски пример за државна корупција и клиентелизам, бидејќи го промовира партија која е на власт, наведува неделникот, а ветувањето за отпис на долговите е логична надградба на досегашниот начин на владеење со популизам и манипулирање со маките и сиромаштијата на граѓаните, забележува Глобус.

„Потребна е барем една минута храброст - колку што трае чинот на гласањето, за да се избегне каењето, еден убав ден, кога ќе констатираме дека сме станале Велигденска Македонија...“, порачува во уводникот Фокус при што прави паралела со Велигденскиот Остров во Тихи Океан, со познатите огромни камени статуи, чии водачи, со изградбата на сè поголеми и сè повеќе статуи, со текот на годините, лечејќи ги своите фрустрации, го нарушиле нормалниот баланс на природата, на општеството, водејќи го во пропаст, та останале само стотина луѓе кои живеат во мизерни услови.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG