Достапни линкови

Украинскиот премиер поддржува зголемување на моќта на регионите


Украинскиот премиер Арсениј Јаценјук.

Украинскиот премиер Арсениј Јаценјук.

Украинскиот премиер Арсениј Јаценјук денеска во Доњецк изјави дека регионите во земјата би требало да имаат поголема моќ и оти ќе им биде дозволено да одржуваат референдум за важни прашања.

Јаценјук во Доњецк се сретна со регионалните лидери, но не и со демонстрантите кои ја запоседнаа зградата на регионалната администрација во центарот на Доњецк и прогласија суверена „Доњецка Народна Република“. Јаценјук ги повика сепаратистите, кои се забарикадирани, да ја напуштат зградата и да го предадат оружјето. Преговорите со нив сè уште траат. Тој рече дека се противи на употребата на сила за враќање на контролата врз зградата, како што пред неколку дена беше направено во Харков, каде што сепаратистите беа исфрлени од зградата на регионалната администрација.

Влијателниот украински олигарх Ринат Ахметов, пак, изјави дека кризата во Доњецк може да се реши само преку дијалог. Ахметов, кој е од Доњецк и има татарско потекло, му кажа на премиерот Јаценјук дека тој секогаш ќе го поддржува Доњецкиот регион како дел од Украина, но исто така рече дека ги поддржува демонстрантите кои бараат поголеми регионални права и државен статус за рускиот јазик.

Демонстрантите упаднаа во неколку владини згради во Харков, Доњецк и во Луханск на 6 април.
XS
SM
MD
LG