Достапни линкови

logo-print

Медиумска слобода на Балканот: проблематични времиња


Медимите на Балканот се под растечки политички и бизнис притисок. Ова го оценува весникот „Економист“ во текстот во кој се констатира дека медимите во регионот работат лошо и комерцијално и политички.

Секоја година организацијата „Репортери без граници“ објавува список за слободата на медиумите во 180 земји во светот.

На Балканот на врвот е Словенија, но само на 34 место. По неа следуваат Србија на 54 и Хрватска на 65, а подолу се другите земји, додека на крајот, односно на 123 место е Македонија.

За земји кои веќе се во Европската унија или сакаат да влезат, ваквите слаби оценки би требало да заплашуваат.
Основните проблеми на медиумите се исти, но секоја земја си има и свои грижи.

Во Македонија, како што наведува Економист, една медиумска компанија беше затворена по рацијата на даночните испектори кои пак, како што се верува, не гледаат многу длабоко во книгите на провладините фирми.

Неповолните новински извештаи се проследени со тужби за клевета.

„Постои јасен притисок врз новинарите од многу страни“ вели Дуња Мијатовиќ од ОБСЕ, додавајќи дека осудувањето на Томислав Кежаровски за објавување име на заштитен сведок во случај за сторено убиство кој подоцна признал дека лажно сведочел испраќа јасна порака до македонските медиуми.
Постои јасен притисок врз новинарите од многу страни. Осудувањето на Томислав Кежаровски за објавување име на заштитен сведок во случај за сторено убиство кој подоцна признал дека лажно сведочел испраќа јасна порака до македонските медиуми.

Српската влада има директна или индиректна контрола врз 40 насто од рекламите, повеќето од компании во државна сопственост. По изборите, повеќето медиуми, вклучувајќи ги и оние од јавниот сектор бесрамно се ставија на страната на новата силна политичка личност Александар Вучиќ.

Издавачите знаат дека тој може некогаш да ги повика лично за да ги искара. Вучиќ не сакаше да се известува од неговата свадба и така беше. Кога беше снимен како спасува дете заглавено во снежно невреме, тоа беше проследено со видео со потсмев дека се работи за предизборна кампања, кое властите се обидоа да го симнат од интернет.

Во Хрватска политичкиот притисок е е послаб, но оној на бизнисмените загрижува. „Можам да известувам за се поврзано со политиката“ вели еден новинар, додавајќи дека не смее тоа да го прави и со фирмата која е сопственик на неговиот медиум.

Истата приказна важи и за Босна и Херцеговина. Тамошниот најголем градежен магнат Фахрудин Радончиќ, поседува медиумска организација, има политичка партија и е министер за безбедност.
Црногорските новинари кои работат за медиуми критични спрема владата ризикуваат да бидат истепани. Пет возила на весникот „Вијести“ биле запалени во изминативе три години, а имаше и експлозија на бомба пред редакцијата во декември. Дестимулира и заканата по живот за оние што истражуваат случаи на организиран криминал.

Дури и во Словенија новинарите имаат проблеми. Анушка Делиќ која работи за Дело беше обвинета за одавање државни тајни. Се смета дека таа е колатерална штета на нечистата игра во која оние на власт ги користат разузнавачките служби за да им наштетат на нивните непријатели. Во оваа сива зона предничат таканаречените независни веб страници.

На Косово тие растат како печурки по дожд, вели Агрон Бајрами, од дневникот Коха Диторе, додавајќи дека повеќето се финасирани од партиите. Проблем е корупцијата.

Во Албанија пак, како што вели аналитичарот Ремзи Лани, медиумите се уште се во сендвич меѓу бизнисот и политиката. Најголеми проблеми со кои се соочуваат новинарите се малите плати и моралот. „Ние се преселивме од ера на репресија во ера на притисок“, вели тој за весникот Економист.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG