Достапни линкови

Странските инвестиции растат само во изборните ветувања


Странски инвеститори треба да се земаат со резерва, велат упатените, коментирајки дека конечната одлука зависи од оној што сака да ги внесе парите во земјава, а политичката состојба, покрај зачестените избори и закочените евроатлански интеграции, често се гледа како несигурна

Предизборните ветувања за нови вработувања кај странски инвеститори треба да се земаат со резерва, велат упатените, коментирајки дека конечната одлука зависи од оној што сака да ги внесе парите во земјава, а политичката состојба, покрај зачестените избори и закочените евроатлански интеграции, често се гледа како несигурна.
Странските инвестиции не зависат од волјата на нашите политичари, туку пред се зависи од тоа дали во Македонија инвеститорите можат да остварат добра соработка и дали има клима за тие работи.
Никола Попоски, универзитетски професор.


Поранешниот министер за финансии, професор Никола Поповски, вели дека во Македонија е очигледен трендот странските инвестиции да растат во програмите на политичарите пред избори.
Технолошко-индустриската развојна зона во Штип.
Технолошко-индустриската развојна зона во Штип.


„Во статистиките на Народна банка директните странски инвестиции се ниски и второ постојано се најавуваат некои големи, важни инвестиции, кои вработуваат илјадници, но за жал многу малку се реализира, затоа што странските инвестиции не зависат од волјата на нашите политичари, туку пред се зависи од тоа дали во Македонија можат да остварат добра соработка и дали има клима за тие работи.“
Се работи за инвестиции кои практично зависат од политичката клима на која воопшто не е работено, особено што не сме членка на НАТО и не сме интегрирани во ЕУ.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.


Последните податоци од Народната банка покажуваат дека вкупно 16,3 милиони евра странски директни инвестиции се влеале во Македонија во првиот месец од годинава, што е двојно помалку отколку во истиот месец лани кога во земјава се влеале 34 милиони евра од надвор. Предизборните ветувања за инвестиции особено се интензивираа од 2006 година, забележува Поповски и додава:

„Тие секогаш се и дури дел од изборната кампања, поконкретни проекти се спомнуваат, фирми и имиња, но често гледаме дека штом завршат тие, образложенија се дека заради светската економска криза или заради европските проблеми со ликвидност, инвестициите се одложени.“

Дури и гласачите со резерва ги земаат предизборните најави за странски инвестиции, вели професор Мерсел Биљали.

„Се работи за инвестиции кои практично зависат од политичката клима на која воопшто не е работено, особено што не сме членка на НАТО и не сме интегрирани во ЕУ.“

Економистите често забележуваат дека инвеститорите сакаат не само сигурност туку и стабилност за нивните вложувања а Македонија не е сама во „ловот“ по странски капитал.

Иан Садерленд од Бледската школа за менаџмент во интервју за Радио Слободна Европа вели дека корупцијата често ги обесхрабрува потенцијалните инвеститори.

„Тоа не е проблем само во Македонија туку и во многу земји низ светот, но дефинитивно претставува проблем. Тоа е пречка за многу компании, за многумина бизнисмени кои би можеле да влезат со инвестиции и да подржуваат претприемнички идеи.“

Инаку деновиве во најава е можно отворање на околу 5,000 работни места од инвестиција на заинтересирана странска компанија.
XS
SM
MD
LG