Достапни линкови

Украинската криза не е поради ширењето на НАТО


Критичарите на проширувањето на НАТО велат дека своевремено како замена на советското прифаќање на обединувањето на Германија, Соединетите држави и ветиле на Москва дека нема да примаат нови членки во Алијансата. Ова, според анализата на Форин полиси, е мит, подгреан од руската дипломатија по Студената војна.

Руските наводи за предавство на Западот се само димна завеса. Во духот на транспарентноста во 2002 година беше формиран Советот меѓу НАТО и Русија, со цел да се олесни соработката меѓу Москва и земјите членки на Алијансата.

„Русија ни е неопходна за решавање на европските и на глобалните проблеми. Би било добро таа да и се приклучи на Алијансата“, изјави пред неколку години шефот на полската дипломатија Радек Сикорски.

Но, тоа, како што се потсетува во анализата на Форин полиси, веднаш било отфрлено од тогашниот руски амбсадор во НАТО и сегашен заменик премиер Дмитри Рогозин, велејќи:

„Големите сили не им се приклучуваат на сојузи, тие создаваат сојузи. Русија се смета за голема сила. Кај НАТО не гледаме промени. Гледаме организација која се подготвува за војни од минатото на Европа“.
Вистинската причина на Русија што се противи на проширувањето на НАТО е тоа што одредбата за колективна безбедност на членките на Алијансата ја спречува Русија од евентуална инвазија врз нејзините соседи, нешто што го стори на два пати во изминативе шест години, во Грузија и во Украина.

Со инвазијата на Крим, прва присилна анексија на европска територија од Втората светска војна, токму Русија, а не НАТО ја врати Европа во минатото на војни, оценува Форин полиси, додавајќи:

„Обвинувањето дека НАТО е одговорен за лошото однесување на Русија е темелно неразбирање на европската политика по Студената војна, погрешно претставување на улогата на организацијата како одбранбен сојуз и претворање на агресорот во жртва“.

Главната причина за сегашната криза во Украина не е проширувањето на Алијансата, туку природата на рускиот режим, односно, како што се наведува во анализата, неоимперијалистичката агенда на претседателот Владимир Путин.

Тој, во 2005 година оцени дека распадот на Советскиот сојуз беше голема геополитичка катастрофа на 20 век.

Ако постоеше некакво сомневање во намерите на Путин за обнова на Руската империја, тоа беше избришано со неговиот говор на 18 минатиот месец во кој тој го резервира правото да нападне или да анектира секоја територија каде што етничките руси се жалат дека биле угнетени.

Тврдењата од Русија дека НАТО претставува закана секогаш било своевидна итрост. Така беше за време на Студената војна, а руските непријателски акции кон нејзините соседи не завршија и со распадот на советскиот комунизам.

Вистинската причина на Русија што се противи на проширувањето на НАТО, според некои оценки, е тоа што одредбата за колективна безбедност на членките на Алијансата ја спречува Русија од евентуална инвазија врз нејзините соседи, нешто што го стори на два пати во изминативе шест години, во Грузија и во Украина.

Од таа причина НАТО и неговото проширување, остануваат од витално значење за европската безбедност и стабилност, се наведува во анализата на Форин полиси.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG