Достапни линкови

Експлозија на бомба пред Банката на Грција во Атина


Автомобил бомба експлодира изутрината пред седиштето на Банката на Грција во центарот на Атина. Нема повредени, но е причинета материјална штета.

Експлозијата се случила околу 4 часот изутрината во возило паркирано кај седиштето на грчката Централна банка, која се наоѓа до канцеларијата на грчките меѓународни кредитори: Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.


Во експлозијата, како што соопшти полицијата, немало повредени.

Пред активирањето на бомбата имало два анонимни повика до еден информативен вебсајт и до весникот „Ефимирида тон Синдактон“ со предупредување дека направата била поставена пред канцеларијата на банката.

Според наводите на полицијата, украденото возило од мараката „Нисан“ било наполнето се 75 килограми експлозив.

„Очигледна цел на напаѓачите е да се смени успешниот имиџ и агендата на владата“, оцени владиниот портпарол Симос Кедикоглу.
Очигледна цел на на напаѓачите е да се смени успешниот имиџ и агенда на владата.
Симос Кедикоглу, портпарол на владата на Грција.


Грција денеска ја издаде својата прва емисија на среднорочни обврзници од 2010 година кога, поради должничката криза беше исклучена од финансиските пазари.

Оваа операција што се подготвуваше неколку месеци се однесува на издавање обврзници во вредност од 2,5 милијарди евра. Доколку обврзниците минат добро, тоа ќе биде важен знак за доверба во мерките на коалиционата влада на премиерот Андонис Самарас.

Во Атина утре доаѓа германската канцеларка Ангела Меркел, во втора посета на Грција од почетокот на финансиската криза.


Инаку, нападите во кои главно нема повредени и се вперени против економските, институционални и политички цели се честа појава во Грција. Тие главно им се припишуваат на анархистичките движења во таа земја.

И покрај тоа што една од најопасните терористички групи „17 Ноември“ е искоренета и нејзините членови се во затвор, неколку други се се уште активни. Како и да е, еден од затворените членови на „17 Ноември“ исчезна во почетокот на оваа година.

Други двајца од организацијата „Револуционерна борба“ избегаа за време на нивното судење во 2012 година. Оваа група е позната по нападите врз американската амбасада и врз берзата во Атина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG