Достапни линкови

Распад на западната цивилизација или нов почеток


„Евангелие на глупоста (Далај мама во два дела)“ е насловена претставата на авторот и режисер Љубиша Георгиевски, чија премиерна изведба ќе се случи оваа сабота, на 12 април, во 20 часот, во НУ Драмски театар - Скопје. Станува збор за трагична фарса во која е раскажана приказната за распадот на „западната цивилизација“ на која и ние ѝ припаѓаме или за Новиот почеток.

„Евангелие на глупоста (Далај мама во два дела)“ е приказна за распадот на „западната цивилизација“, на која ѝ припаѓаме и ние и со која агонизираме. Оваа цивилизација откако се разврза од Бога, не можејќи да опстојува без вера во нешто, се обидува да поверува во сенешто. И, така талкајќи од сенешто до сенешто по кобниот пат: divinitas – animalitas – brutalitas, а притоа прескокнувајќи го humanitas, односно прескокнувајќи се самата себе водена од Глупоста, пристигнува до својот крај. Но, за да може да поверува во Глупоста, претходно мораше да создаде култ-ура на омразата, деградирајќи го интелектот до алипност, логиката до логистика, јазикот до бесмисла, моралот до лицемерие... Но, суштината на секој, па и на овој крај е Новиот почеток.
Оваа претстава ќе нè прикаже сите нас доста искривени. Оваа претстава како криво огледало е свесна и за самата себе. И самата е доста искривена.
Љубиша Георгиевски, режисер.

Ова ќе го запише авторот и режисер Љубиша Георгиевски во пресрет на скопската премиера на претставата „Евангелие на глупоста (Далај мама во два дела)“, што треба да се случи на 12 април во Драмски театар. Тој дополнува дека публиката нема да види ниту трагедија, ниту комедија, ни траги-комедија, туку трагична фарса. Вели дека трагичната фарса како жанр оперира со остри, доста сурови решенија и најлесно споредлива е со ситуацијата на еден човек кој се наоѓа во сала со криви огледала каде се гледа себе си искривен.
Депласирано е веќе да повторувам колку сум радосна што сè уште постојам на сцена. Јас реков: Ако сакате побргу да умрам, тргнете ме од сцената! Тие буквално ме сфатија и еве ме, јас уште играм!
Милица Стојанова, актерка.

„Оваа претстава ќе нè прикаже сите нас доста искривени. Оваа претстава како криво огледало е свесна и за самата себе. И самата е доста искривена. И местимично е алипна затоа што не можете да правите диспут за глупоста без да бидете иманентно глупави. Ако не сте иманентно глупави, глупоста не ви е смешна. Ако глупоста не ви е смешна, значи таа одамна владее со вас. Ние сме сите ставени во позиција да нешто не знаеме, а тоа да мора да го извршиме. Сите припадници на оваа цивилизација и знаете што никој не се смее“, вели Георгиевски.

Режисерот дополнува дека оваа цивилизација глумејќи се сега самата себе не може да се глуми добро затоа што е пред пропаст. Потенцира дека не може да глуми добро затоа што треба да глуми разбирање, а не се разбира. Според него, од таму произлегуваат и сите двојни аршини, предрасуди, демагогии, затоа што нема вистинска комуникација.

„За среќа светот е устроен од Бога, има божја промисла и во нашата претстава исто така овој крај се карактеризира со зародиш на нов почеток. Тој нов почеток што ние го сугерираме со претставата ќе биди дефинитивна пресметка со глупоста“, вели Георгиевски.

Во „Евангелие на глупоста “ играат неколку генерации на актери од Драмски театар. Така, пензионираниот Благој Чоревски го толкува ликот на Јордан Поткошулов или Патер Фамилиас, Ирена Ристиќ е неговата жена Тања Поткошулова или Далај мама, а Филип Трајковиќ – нивниот син билдер. Гостинот од Битолскиот театар, „стројниот“ Петар Мирчевски е задолжен за Далај Дамла, Диме Илиев е Мајсторот, а Валдета Исмаили, Ана Костовска и Милица Стојанова се трите Караконџули.

Големата легенда на македонското глумиште Стојанова, која многупати досега соработувала со Георгиевски, вели дека му е бескрајно благодарна на режисерот што и овојпат побарал од неа да се искачи на сцена.

„Депласирано е веќе да повторувам колку сум радосна што сè уште постојам на сцена. Јас реков: Ако сакате побргу да умрам, тргнете ме од сцената! Тие буквално ме сфатија и еве ме, јас уште играм!“, рече Стојанова.

Во претставата настапуват и Игор Георгиев, Катерина Шехтанска – Лаковска, Трајанка Илиева, Игор Ангелов, Златко Митревски и Славиша Кајевски. Костимографијата и сценографијата се на Мери Георгиевска, а музиката е дело на дебитантот во театарот Гаврило Миловановиќ.

Инаку, по „Аферата Елсинор“ која неодамна беше поставена на сцената на Македонскиот народен театар, ова му е втор проект на професорот Љубиша Георгиевски во рамките на одбележувањето на неговиот значаен јубилеј – 77 години живот и 55 години уметничко творештво.

Кон ова само уште информацијата дека текстот за „Далај мама“ авторот го напишал во 2003 година, а неговата праизведба во режија на Дејан Пројковски се случи пет години подоцна во Народниот театар – Битола.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG