Достапни линкови

Се агитира дури и по асфалтот на битолските улици


Иако битолскиот Совет донесе одлука политичките партии плакатите да ги истакнуваат на паноа, таа не се почитува. Битола е преплавена со плакати, пароли и графити за претседателските кандидати.

Пред избори Битола е преплавена со плакати, пароли и графити за претседателските кандидати. Иако општинскиот Совет донесе одлука политичките партии плакатите да ги истакнуваат на паноа, таа не се почитува. Двете најголеми политички партии се обвинуваат меѓу себе. Опозиционата СДСМ дека владеачката партија лепи плакати од нивниот кандидат за претседател Ѓорге Иванов дури и по бандери и семафори, а ВМРО-ДПМНЕ дека графити со Стево Пендаровски опозицијата исцртува и по приватни дуќани.
Владеачката партија не ја почитува оваа одлука и постерите и сликите на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов можете да ги најдете секаде.


Изборната пропаганда стигна до таму што некој името на досегашниот претседател Ѓорге Иванов со спреј го напишал и на асфалтот од битолска улицата, па секојдневно над него минуваат возила.

„Владеачката партија не ја почитува оваа одлука и постерите и сликите на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов можете да ги најдете секаде, само не на местото кое е означено дека треба да се поставуваат. Освен по дрвјата, ги има на автобуските постојки, по бандери, на приватни куќи, по дрвени врати, ги има на крстосници врзани за семафорите, на автобуските постојки. Не само што се надвор од оваа наша одлука, туку го попречуваат и нормалното одвивање на сообраќајот“, реагира Валентин Груевски од ЛДП.
Ваквото валкање на ѕидовите со името, ликот и бројот на гласачкото ливче на еден од претседателските кандидати е надвор од сите правила и прописи за фер и демократска кампања.


Томислав Новевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Битола возврати:

„До ВМРО-ДПМНЕ деновиве се обратија голем број граѓани и стопанственици со реакции дека нивните објекти се нагрдени со графити поврзани со кампања за престојните избори. Ваквото валкање на ѕидовите со името, ликот и бројот на гласачкото ливче на еден од претседателските кандидати е надвор од сите правила и прописи за фер и демократска кампања. Не само што ова не е законски, етички, не е ни естетски коректно. Замолени од граѓаните кои имаат дуќани започнуваме акција за бришење на ваквите изборни валканици“, изјави Новевски.

Како што се ближи денот за избор на претседател, така и Битола станува се пошарена од пропагандни материјали. Колоритот ќе се зголеми со оглед на тоа дека претстојат и парламентарни избори.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG