Достапни линкови

Конкуеринг лајон во реге-поход на Европа


Од 17 април до 1 мај, македонскиот состав КОНКУЕРИНГ ЛАЈОН ќе ја реализира својата прва голема европска турнеја. Ќе свират по клубовите и на фестивалите во Чешка, Словачка, Полска, Германија, Холандија и Словенија, а во пресрет на оваа серија концертни настапи потпишуваат и два на домашната сцена – минатонеделниот во родното Тетово и утрешниот во скопскиот клуб „Блек котон“.

Со три албумски остварувања во изминативе седум години („1“ - 2009, „Know Your Wisdom“ - 2011 и минатогодишниот „Relevation“ - објавен за „Пасворд продукција“ и издавачката етикета на фестивалот „Егзит“), тетовскиот реге состав КОНКУЕРИНГ ЛАЈОН влегува во редот на значајните пројави на современата македонска музичка сцена. И, не само затоа што стилски се издвојуваат од останатите, туку најмногу токму поради фактот што сопствената енергија и бунтовност ги артикулираат во став кој не се мири со ништожноста на локалново буниште.
Ние за оваа турнеја се спремаме интензивно цели шест месеци. Значи ден за ден – проба, ја комплетиравме сет листата, настап, па како би изгледало цело шоу кога некој би не гледал од страна, сè е тоа извежбано и уште се вежба.

Нивниот крик, нивните пораки се јасни и тие од самиот почеток му припаѓаат на глобалното созвучје, а „типично“ за наши прилики бендот, како и сите кои се издигнале над оваа жабокречина, ќе ни „дојде“ како некој кој се докажал таму некаде, а за кој наново како и во минатото „сме немале слух“.

Од таму, нималку не чуди, што КОНКУЕРИНГ ЛАЈОН, во периодот од 17 април до 1 мај, ќе го започнат својот прв поголем поход на Европа, настапувајќи по клубовите и на фестивалските сцени во Чешка, Словачка, Полска, Германија, Холандија и Словенија.
Многу е потешко за еден бенд кој пее на македонски јазик да се пробие на интернационалната сцена. Можеби луѓето ќе скокаат на ритамот, ќе ја примат музиката, ама текстот, пораките во него дефинитивно нема да ги почувствуваат на вистинскиот начин.

„Ние за оваа турнеја се спремаме интензивно цели шест месеци. Значи ден за ден – проба, ја комплетиравме сет листата, настап, па како би изгледало цело шоу кога некој би не гледал од страна, сè е тоа извежбано и уште се вежба. Сите членови на бендот се максимално посветени. Сета енергија ја вложивме во работата затоа што веруваме дека оваа турнеја може да ни биде отскочна штица за понатамошните концерти во Европа, па и пошироко“, вели тромбонистот, гитарист и пејач Стефан Илиевски – Мане.

Покрај него во актуелната постава на КОНКУЕРИНГ ЛАЈОН се Дејан Дојевски – Папак (бас ), Бојан Рафајловски (гитара), Кирил Крстевски – клавијатури, Јован Степановиќ – Кондур (перкусии), Александар Георгијадис – Кела (тапани) и Игор Рендаков – Шпанац ( звучни ефекти и тон мајстор). Сите заедно со нетрпение ги очекуваат претстојните клупски настапи на турнејата и забележуваат дека за нив од посебно значење е перформансот што треба да го одржат на големиот фестивал за алтернативна музика Мундијал што ќе се одржи во Тилзбург, Холандија. Не е исклучено да се појават уште и на две други европски фестивалски сцени, но велат дека каде и да излезат пред публиката со себе ќе ги имаат заразниот ритам, изведувачката енергија и своите моќни бунтовни пораки (отпеани на „сигурен англиски јазик“ за да може многу полесно да ја остварат комуникацијата со интернационалната публика).

„Многу е потешко за еден бенд кој пее на македонски јазик да се пробие на интернационалната сцена. Можеби луѓето ќе скокаат на ритамот, ќе ја примат музиката, ама текстот, пораките во него дефинитивно нема да ги почувствуваат на вистинскиот начин. Ќе треба малку да се помачат за да разберат што сме сакале да им кажеме. Да, бунтовноста и протестот што ги носи регето се присутни во музиката што ја твориме, но текстот е тука за да ја појасни целата работа“, дополнува Илиевски.

Но, тој потенцира дека КОНКУЕРИНГ ЛАЈОН нема слепо да се држат до договорот од пред седум години и дека таквиот став го имаат цементирано, туку најавува дека во иднина се подготвуваат да снимат сингл (или и-пи, сеедно) на кој ќе стават реге песни отпеани на мајчин јазик за да видат како на нив ќе реагира домашната публика.

Згора на ова, момците веќе започнаа и да ги подготвуваат материјалите за следбеникот на одличниот „Relevation“, но истакнуваат дека и според најдоброто можно сценарио четвртиот студиски албум на бендот најрано би можел да се појави идната пролет.

Инаку, колку за потсетување КОНКУЕРИНГ ЛАЈОН досега со успех музицирале на значајни фестивали како „Спирит оф Бургас“(Бугарија), „Таксират“, „ИН-мјузик“ (Загреб - Хрватска), „Аква-парк фестивал“, „Докуфест“ и „НГОМ – фест“ (Призрен - Косово), „Тречтаун“ (Суботица – Србија), свиреле покрај големи ѕвезди како ИГИ ЕНД Д СТЈУЏИС, АРКТИК МАНКИС, БЛОК ПАРТИ, БЕЈСМЕНТ ЏЕКС и со големи реге имиња (ЏЕНТЛЕМЕН, Рас Закари, Доналд Минот, Хорсмен Којоти...).
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG