Достапни линкови

logo-print

Змијанац - Децата не се лепачи на плакати


Политичките партии може да се натпреваруваа за подобар живот на децата, да ги прашаат за нивните потреби, но децата да не бидат декор, не да лепат плакати и да не бидат инструментализирани и злоупотребени, не само од политичките партии, туку и од нивните родители, вели Драги Змијанац од Меѓаши.

Господине Змијанац, во изминатите изборни циклуси беше забележана злоупотреба на деца во политички кампањи. Како ја оценувате состојбата во текот на оваа изборна кампања во врска со ова прашање?

Во текот на овој изборен циклус на предвремени парламентарни и претседателски избори забележуваме поголема одговорност и сериозност од политичките партии во однос на почитување на Конвенцијата за правата на детето и другите акти, домашни и меѓународни, во однос на тоа да се превенира и спречи злоупотреба на децата во партиски и политички цели, односно да им послужи како декор на политичките партии за добивање на поголеми симпатии кај потенцијалните гласачи. Сакам да нагласам дека граѓаните се веќе свесни околу тоа што е употреба, а што е злоупотреба, кога политичките партии навистина работат во најдобар интерес на детето и кога ги користат како фолклор, декор во однос на привлекување на симпатии. Апелираме и потсетуваме дека политичките партии во нивните платформи треба да се залагаат за подобар живот на децата во Република Македонија, да се натпреваруваат со поголеми, не само инфраструктурни зафати, туку и подобрување на севкупната безбедносна состојба на децата, за нивниот правилен раст и развој, да не се занемари бројот на деца без извод од матична книга на родените, да се вклучат децата навистина во еден здравствен систем, затоа што има многу деца кои немаат, не само извод од матична книга на родените, туку немаат и редовна вакцина. Значи, натпревар на политичките партии за подобар живот на децата да, децата да бидат информирани за она за што се залагаат политичките партии да, да бидат прашани за нивните потреби да, но не како декор, не да лепат плакати, не да се натпреваруваат и тепаат меѓу себе за повеќе простор за лепење плакати за нивниот политички лидер и не да бидат инструментализирани и злоупотребени, не само од политичките партии, туку и од нивните родители.

Кој е вашиот став, што мислите како треба да се санкционира политичка злоупотреба на деца во предизборна кампања?

Сè уште не постои инструмент, не постои институција која тоа ќе го санкционира. Народниот правобранител упати апел, замолница до политичките партии. Значи, нема инструмент каде што некој ќе може да ги санкционира политичките партии. Останува на јавната свест, останува на осуда на граѓаните со поддршка на медиумите и останува ризикот политичките партии да изгубат потенцијана група на симпатизери, бидејќи веќе граѓаните се едуцирани што е употреба, а што злоупотреба на децата, што политичката партија работи во интерес на децата, а што за политички декар и минато свршено време кога ќе завршат изборите.

Во ситуација кога општеството е длабоко партизирано, дали сте забележале досега тинејџерите да се поделат по партиска линија?

Па, тие не само што се поделени, туку се регрутираат, би рекол, уште од најмали нозе да изработат одредени агенди, задачи, кои не секогаш се во нивен најдобар интерес. Ако младинците активно учествуваат во креирање на политиките, во креирање на платформите на политичките партии, зборувам за подмладоците, тогаш во ред е да бидат активни чинители во креирање на нивниот иден живот, но ако служат само како средство за остварување на власт, без притоа да имаат никаква обврска кон тие младинци во реализирање на нивните потреби, тогаш има и разочарување, има и манипулација, има и злоупотреба.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG