Достапни линкови

Започнува трката за предвремените парламентарни избори


Во трката за 123 пратенички места во шест изборни единици во земјата и три во странство се 1.402 кандидати на 14 листи поднесени од пет коалиции и девет политички партии.

Кампањата за предвремените парламентарни избори започнува денеска . Во трката за 123 пратенички места во шест изборни единици во земјата и три во странство се 1.402 кандидати на 14 листи поднесени од пет коалиции и девет политички партии.

ВМРО-ДПМНЕ кампањата вечер ќе ја започне со митинг во Скопје. СДСМ со митинг исто така во Скопје во недела. ДУИ веќе одржа конвенција за промоција на кандидатите, ГРОМ во недела во Куманово ќе ги промовира своите кандидати. Избирачко место

Избирачко место

Листите се веќе утврдени, како изгледот на гласачкото ливче. Заклучениот Избирачки список за предвремените парламентарни избори ДИК треба да го потпише, според Роковникот, на 17 април.

ДИК со ждрепка го одреди редоследот на кандидатите за пратеници на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори. Под редниот број еден ќе се најдат кандидатите на СДСМ и коалицијата, а под два на ДПА. На трето место ќе бидат кандидатите на партијата Достоинство, а на четврто ДУИ. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се најде на петтата позиција. Потоа следуваат НДП, коалицијата ГРОМ, Коалицијата за позитивна Македонија, ВМРО-Народна партија, како и Социјалдемократската партија, Партијата за економски промени 21 и ПДП и ПЕИ.

Државната изборна комисија денеска ќе одржи седница на која треба да расправа за предлог-одлуката за доделување транспортни трошоци на општинските изборни комисии и избирачките одбори, за спроведување на претстојните претседателски и парламентарни избори.
Гласањето на локланите избори

Гласањето на локланите избори

На седницата на ДИК ќе бидат разгледани и барањата за акредитација на набљудувачи од Парламентарното Собрание на Советот на Европа и од Амбасадата на Франција за претстојните избори, како и предлог решенијата за поднесени пријави за гласање во странство од изборните единици 7, 8 и 9.

Дел од дневниот ред на седницата се и пријавите за гласање во ДКП-Тирана, пресудите од Управен суд по барањата за запишување во посебниот извод од Избирачки список – Тирана, како и предлог-заклучокот за запишување лица во Избирачкиот список.

Во Државната изборна комисија до вчера, како што беше објавено на нивната веб-страница, се акредитирани 3.292 домашни и 265 странски набљудувачи и 213 преведувачи за мониторирање на претседателските и предвремените парламентарни избори.

Од претседателската кампања остануваат уште седум дена. На 12 и 13 април, поради првиот круг од претседателските избори, кампањата за предвремените парламентарни ќе биде прекината, според одлуката на Државната изборна комисија.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG