Достапни линкови

За името не може да решава еден човек или една партија


Претседателот на државата не е чудотворец, но може да испраќа позитивни сигнали кон домашните и странските фактори.

Претседателските кандидати предлагаат формирање на универзален став на Македонија во однос на спорот со името со соседна Грција по што се предвидуваат референдум, јасно исцртување на црвените линии и конструктивни преговори.
Не прифаќаме да се промени Уставот на Република Македонија, не прифаќаме да се промени уставното име на Република Македонија.
Ѓорѓе Иванов.


Претседателот на државата не е чудотворец имајќи ги предвид не само влијанијата од матичната партија, туку и ставовите на другите политички гарнитури во земјата, велат упатените.


„Се трудевме и ќе се трудиме за изнаоѓање на решение на спорот со името со соседна Грција“, изјави кандидатот на владеачката партија Ѓорѓе Иванов на митинг во Делчево.

„Тоа решение има рамка во ОН, од резолуциите на ОН, од привремената спогодба што сме ја склучиле со Грција, од пресудата од Хаг, а тоа значи дека не прифаќаме да се промени Уставот на Република Македонија, не прифаќаме да се промени уставното име на Република Македонија.“
Јас заговарам прво ние во Македонија да изградиме став на Македонија, па потоа да одиме кај Нимиц и да кажеме ова е македонската црвена линија.
Стево Пендаровски.


Кандидатот на опозицискиот Социјал-демократски сојуз Стево Пендаровски во интервју за РСЕ вели дека не може да лицитира со имиња бидејќи не знае што до сега е договорено во претходните рунди на преговори.


„Јас заговарам прво ние во Македонија, сите битни, релевантни, политички субјекти со најширок можен политички консензус да изградиме став на Македонија, па потоа да одиме кај Нимиц и да кажеме ова е македонската црвена линија. Грците тоа го имаат. Тие за ништо друго не можат да се договорат, ниту за траншите финансиска помош без кои не би преживеале, но за ова имаат гранитна црвена линија која трае 20 години.“
Детално да се анализираат предлозите на Нимиц, па евентуално и некој наш предлог што би произлегол од една стручна анализа за решавање на овој проблем и да се најде прифатливо решение за името.
Илијаз Халими.


Кандидатот на Демократската партија на Албанците Илијаз Халими во интервју за РСЕ предлага свикување состанок на сите релевантни политички фактори во земјава.

„Детално да се анализираат предлозите на Нимиц, па евентуално и некој наш предлог што би произлегол од една стручна анализа за решавање на овој проблем и да се најде прифатливо решение за името што нема да влијае негативно врз идентитетот не само врз македонскиот народ, туку и врз другите националности кои живеат во Македонија.“

Кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски вели дека црвените линии се исцртани за името Македонија и задржување на идентитетот на граѓаните.

„Во таа комуникација јас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула,мислам дека тоа би било едно решение коешто би било навистина прифатливо доколку успееме да ја убедиме Грција дека друго ништо не не интересира поврзано со нивната територија.“

Не верувам дека претседателот може да прави чуда за решавање на спорот, но може да испраќа позитивни сигнали кон домашните и странските фактори, вели политикологот Беким Кадриу.Шефот на државата нема ексклузивна можност за решавање на спорот, додава Кадриу.

„Ова е прашање што се детерминира од фактот на конзистентно функционирање на политичките фактори внатре во државата, без тоа претседателот на државата не може да одигрува индивидуална улога во овој правец.“
XS
SM
MD
LG