Достапни линкови

Претседателските во сенка на парламентарните избори


Сашо Клековски.

Сашо Клековски.

Кај ВМРО-ДПМНЕ и кај господинот Иванов веќе се чувствува дека се подготвува преодот од претседателската во парламентарната кампања, малку ми е нејасно како тоа ќе се одвива во СДСМ, пред сè поради отсуството на господинот Заев и госпоѓата Шеќеринска од изборните листи, вели аналитичарот Сашо Клековски во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Клековски, како го оценувате досегашниот тек на кампањата?

Па таа почна прилично умерено и одмерено, земајќи го предвид бекграундот на четирите претседателски кандидати – Иванов, Пендаровски, Поповски и Халими. Сите почнаа со она што сметаат дека е нивна предност. Господинот Иванов со една јасна и масовна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, господинот Пендаровски се одлучи за една, според мене, контроверзна варијанта да настапува без јасна и видлива поддршка на СДСМ, а пријатно изненадување се и настапите на Поповски и Халими. Поповски поради дел од дебатите, а Халими поради одмереноста во досегашниот тек, така што сума сумарум е позитивно како започна. Секако, започна и негативната кампања. Во овој момент негативната кампања не потекнува од самите претседателски кандидати, туку од личностите околу нив или во штабовите, така што се надевам дека таа негативна кампања нема да добива на засилување во наредниот период, туку дека кандидатите ќе се фокусираат на тоа што се нивните ставови во однос на клучните прашања од нивна надлежност.

Колку нивните слогани со кои настапуваат во оваа кампања ја одразуваат и политиката, и програмата и партиите на кои се претставници? Очекувано за господинот Иванов, бидејќи е актуелен Претседател на државата, да ја употреби картата на државност, бидејќи е актуелен Претседател и нормално да го употреби тој капитал од претходно, тоа е сепак стартна основа. Во однос на кампањата на господинот Пендаровски, мислам дека главниот фокус е дека ќе биде самостоен претседател. Секако ќе треба да го надмине тоа што сепак СДСМ, односно нивната пратеничка група е негов предлагач, претпоставувам и во еден обид да биде и крос-партиски кандидат, односно да ја добие поддршката и од симпатизери на други политички партии. Моја проценка е дека почетната предност е на господинот Иванов и единствената шанса за пресврт на господинот Пендаровски е мобилизација на вкрстена поддршка од симпатизери на други политички партии.

Што е со останатите кандидати?

Мене ми е интересно што Поповски сега засега излегува со најхрабри изјави, вклучувајќи ја онаа што ја даде во едно од воведните интервјуа дека ако има политички затвореници, тој ќе ги аболира, иако го нема тоа право, меѓутоа е сепак една храбра изјава. Исто така мислам дека на последниот митинг говореше дека нема да ги потпишува законите за кои смета дека се против интересите на граѓаните. Мислам дека на моменти дава дури и поконфронтирачки изјави од другите опозициски кандидати. Иако господинот Халими води кампања за претседател Албанец, мислам дека сепак е прилично одмерен во изјавите, барем од она што јас можам да го следам. Реториката не е сè уште запалива, ќе видиме кога ќе влеземе во завршницата на кампањата дали ќе се смени нешто.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, зад себе ја има партијата, на неговите митинзи зборува премиерот, зборуваат лидерите на помалите партии од коалицијата, додека Пендаровски настапува сам. Како го оценувате ваквиот потег?

Во однос на нашата политичка култура, мислам дека потегот на Пендаровски е многу ризичен, бидејќи, барем јас така мислам, дека граѓаните сакаат да видат, да, независен кандидат, меѓутоа, сакаат да видат дека тие што се потпишале на кандидатурата, бидејќи некој се потпишал на кандидатурата, целосно стојат зад својот кандидат, бидејќи тоа е вложена доверба, 30 пратеници се потпишуваат за одреден кандидат и тие 30 пратеници од таа политичка партија со својот збор гарантираат за тој кандидат. Јас мислам дека тие мора да бидат присутни во кампањата. Тоа е моето разбирање, бидејќи тоа е како препорака. Гледајќи од тој агол сметам дека е потребно, ајде, тоа не мора да биде врвот на СДСМ, меѓутоа мора тие што се потпишаа за неговата поддршка јасно да бидат зад него и да ја поддржуваат кампањата. Не мора неминовно да зборуваат на митинзите, меѓутоа мора да бидат присутни, мора да бидат видливи, иако на дел од митинзите јас можев да видам луѓе од кандидатските листи. СДСМ мислам дека тоа премногу скромно го прави за да испрати јасна порака - да, овој кандидат е наш кандидат и ние целосно стоиме зад него. Мислам дека таква порака не е на штета на независноста на кандидатот. Тоа што некој целосно ве поддржува не значи дека сте целосно зависен од него.

Традиционални средби со граѓани или поголемо користење на социјалните мрежи? Како кандидатите може повеќе да пристапат до неопределените гласачи.

До неопределените гласачи најлесно се пристапува преку градење доверба, за мене тоа е со физичка комуникација или да ве препорача некој на кого веќе му верувате, дали е тоа стопанска комора, дали е здружение на новинари, дали е фармерска асоцијација, бидејќи луѓето што не веруваат тешко ја градат довербата преку посредуван контакт. Медиумските контакти, па и социјалните медиуми се медиумски контакти, се посредувани контакти и мислам дека непосредната комуникација е предност. Кога велам непосредна комуникација не мислам неминовно на големи митинзи, кои мислам дека исцрпуваат многу во смисла на ресурси кои може да се употребат за многу други работи, меѓутоа секако во денешно време кога во земјава има над еден милион Фејсбук профили, каде што, според една анкета од минатите избори, околу 30 отсто од граѓаните се информираат за изборите на интернет, мислам дека сите кандидати мора да имаат една сеопфатна кампања каде што ќе ги има сите алатки за пристап до граѓаните, до гласачите.

Граѓаните велат дека им е доста од избори, оти избори имаме речиси секоја година. И анкетите покажуваат дека бројот на неопределени е висок, но како се наближува датумот на избори, така бројот на неопределените се намалува. Што се случува со неопределените гласачи?

Јас мислам дека се јавува еден замор, јас мислам дека ќе треба една дебата за тоа дали Македонија со два милиона жители и со овие ресурси може да го издржи ритамот на избори секоја година, дали се тоа парламентарни, локални или претседателски избори. Минатите два пати најголем дел од рејтинг агенциите најголеми отстапки имаа во прогнозата на излезноста, значи анкетите укажуваа на помала излезност, на поголем број на граѓани што рекле дека нема да излезат на избори или покажуваат неодлучност во однос на изборите, а излезноста беше прилично голема. Ми се чини дека поларизираноста на последните неколку избори предизвикува сепак значителен број на граѓани да се одлучат да излезат на избори. Локалните избори поминаа во една атмосфера на бојкот-небојкот, имаше една жестока поларизираност после 24 декември. И на претходните предвремени парламентарни исто така имавме исто така една голема поларизираност поради предизвикот што тогаш СДСМ го упати кон владејачката партија. Дали сега ќе се постигне мобилизација на граѓаните, веројатно е рано да се предвиди, меѓутоа може да се очекува излезност на ниво на претходните избори.

Колку претседателските избори може да паднат во сенка на парламентарните избори?

Мое очекување е дека ќе паднат во сенка, бидејќи мобилизацијата на парламентарните избори е многу поголема, отколку за претседателските, има многу повеќе засегнати страни, многу повеќе засегнати подрачја за дебата и тие неминовно ќе влезат во сенка. На пример кај ВМРО-ДПМНЕ и кај господинот Иванов веќе се чувствува дека се подготвува преодот од претседателската во парламентарната кампања, малку ми е нејасно како тоа ќе се одвива во СДСМ, пред сè поради отсуството на господинот Заев и госпоѓата Шеќеринска од изборните листи. Кој ќе го преземе приматот на кампањата и како ќе се одвива тој премин од претседателската кон парламентарната кампања?

Освен високото раководство на СДСМ, од листите за пратеници се изземени и старите парламентарни кадри. Како го коментирате тоа?


Не е проблем што нема од старите кадри, да не бидам погрешно разбран. Граѓаните и симпатизерите на СДСМ ќе си се изјаснат за кандидатските листи, јас зборувам за недостатокот на водство во конкретниот случај. Сега би било интересно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дебати кои вообичаено ги одбива и на дебата ќе седнат кандидатот Никола Груевски и кој кандидат ќе седне на другата страна е неодговорено прашање. Ќе биде тоа госпоѓата Рената Десковска? Дали тоа значи дека таа е кандидат на СДСМ за премиер? Мислам дека недозволиво многу прашања оставија отворени на еден месец пред изборите. На крај граѓаните сакаат да знаат имаме еден избор, имаме втор избор, ако победи овој избор премиер ќе биде Никола Груевски, а ако победи другиот избор кој ќе биде премиер? Мислам дека е неминовно граѓаните тоа да го знаат, бидејќи тоа битно влијае на нивната одлука. Лидерот треба да е олицетворение и на идеологијата и на политичката програма и на интегритетот и на водството и мислам дека е неминовно СДСМ тоа прашање да го одговори час поскоро. Господинот Заев рече дека не учествува на листите зашто ќе биде премиер кога ќе победи СДСМ, меѓутоа многу брзо заради конфузијата што се создаде поради отсуство од листите, мислам дека мора да потврди дека тој е кандидатот за премиер или евентуално СДСМ има друг кандидат, бидејќи мора да има некој што ќе ја води изборната трка.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG