Достапни линкови

logo-print

Вардар и Металург борбено против Фленсбург и Кил


Вардар и Металур за четврт-финалето во ракометната Лига на шампиони добија германски противници, Вардар ќе игра со Фленсбург, а Металург со Кил. Капитените на двата клуба велат дека со борбена игра ќе целат на полуфинале.

Најдобрите македонски ракометни клубови Вардар и Металург, за историски пласман на фајнал - фор турнирот од Лигата на шампионите, ќе треба да ги совладаат германските гиганти Фленсбург и Кил.
Дома со сите сили и со нашите навивачи, пред се борбена и концентрирана игра, мислам дека ќе ни се укаже шанса и треба да ја искористиме за да направиме уште едно чудо, да се пласираме на фајнал - фор.


Вака реши вчерашната четвртфинална жребка, која на шампионот Вардар му го додели Фленсбург. Тоа е силен противник, но и најпосакуваниот ривал во конкуренција на Металург, Рајн Некар и Пари Сен Жермен. Затоа и нескриениот оптимизам кај црвено - црните, кои иако се свесни дека нема да им биде ни малку лесно, веруваат во влез во полуфиналето. Тоа не е никакво изненадување по нивната сензационална победа над се уште актуелниот европски шампион Хамбург, а според капитенот Филип Лазаров, и во ситуација кога реванш мечот ќе се игра во Скопје.

„Доколку ја повториме играта на гостински терен од мечот со Хамбург, може да играме со секого и да се надеваме на големи успеси. Шансата би ја гледал во реваншот на домашен терен. Знаеме дека салата „Борис Трајковски“ во Европа важи за навистина жежок терен и терен на кој што никој не успеа да победи оваа година. Па ете, треба да останеме концентрирани, да не се залетуваме многу на тој прв натпревар што го играме нагости и да успееме да извлечеме добар резултат на првиот меч. Па дома со сите сили и со нашите навивачи, пред се борбена и концентрирана игра, мислам дека ќе ни се укаже шанса и треба да ја искористиме за да направиме уште едно чудо, да се пласираме на фајнал - фор“, рече Лазаров.
Играме со многу квалитетна екипа. Знаеме дека е екипа која прва се става во уста, кога ќе кажат на фајнал - фор кој би одел, Кил и Барселона се првите две екипи кој секој ги спомнува.


Клубот од Автокоманда, пак, налета на една од најсилните светски екипи - Кил. Станува збор за еден од двата први фаворита и за триумф во елитното натпреварување, поради што нашиот вицепрвак, на хартија е аутсајдер. Металурзите не бегаат од ваквата улога, но и немаат намера да се предадат без борба. Напротив, нивниот капитен Ванчо Димовски верува дека имаат сили за давање барем достоен отпор на повеќекратниот европски првак, особено доколку обезбедат предност по првиот дуел на свој паркет.

„Играме со многу квалитетна екипа. Знаеме дека е екипа која прва се става во уста, кога ќе кажат на фајнал - фор кој би одел, Кил и Барселона се првите две екипи кој секој ги спомнува. Но, тоа што ние бевме поубедливи од нив против Колдинг (Кил играше со Данците во групната фаза, каде што извојува две минимални победи), тоа дава на знаење дека против секој може да се игра. Треба да ги успориме, знаеме кое е нивно најсилно оружје. Трчаат, шутираат од сите страни, имаат квалитет, имаат бекови страшни. И да пробаме да наметнеме еден наш ритам, кој го наметнавме на последните два натпревари и мислам дека имаме шанси за победа на домашен терен. Па, таму што биде нека биде“, изјави Димовски.

Инаку, првите четвртфинални дуели од машката Лига на шампиони ќе се одиграат на 19-ти и на 20-ти април, реванш средбите се седум дена подоцна, а во другите битки за влез во полуфиналето клубот на најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, Барселона (Шпанија) прво ќе му гостува на Рајн Некар (Германија), додека Пари Сен Жермен (Франција) ќе го пречека Веспрем (Унгарија).
XS
SM
MD
LG