Достапни линкови

logo-print

Опозицијата со нови лица, власта на сигурно


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митинг во Гевгелија. Избори 2014

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митинг во Гевгелија. Избори 2014

Опозициската СДСМ со нови луѓе ќе бара доверба на парламентарните избори, ДУИ ќе трча во сите изборни единци, владејачката ВМРО-ДПМНЕ оди на сигурно со испробани кадри.

Тоа што на кандидатската листа за пратеници на СДСМ го нема првиот ешалон партиски кадри, тоа што на некои листи на македонски партии како на СДСМ и Алијанса за позитивна Македонија има кандидирано и кандидати Албанци и тоа што ДУИ со свои листи излезе за првпат во сите изборни единици и во доминантно македонските 3 и 4 изборна единица, се новитети на овие избори, анализираат експертите откако партиите ги објавија своите кандидатски листи. Потегот на СДСМ е иновација која може да се толкува и како храбар потег, но и како експеримент кој е недозволив пред избори, анализираат експертите.
Она што може да се забележи во стратегијата на СДСМ е дека на овој начин, со овој потег, тие понудија кандидати за кои може да се определат и неопределените гласачи.


„Она што може да се забележи во стратегијата на СДСМ е дека на овој начин, со овој потег, тие понудија кандидати за кои може да се определат и неопределените гласачи, бидејќи доминантниот став кај неопределените е дека владата многу лошо владее, но некои лица во СДСМ им беа доста антипатични“, изјави политикологот Здравко Савески.

Сепак само изборната кампања може да докаже дали партиското водство бега од одговорност или стои зад своите кандидати, а какви ефекти ќе има ќе може да се види дури по завршувањето на изборите. ВМРО-ДПМНЕ нема изненадувања на своите кандидатски листи па преку тоа се гледа дека нивна стратегија ќе биде да се трудат да ги обесхрабрат неопределените гласачи да гласаат за СДСМ. Од нив се очекува и да го истакнат кандидирањето на нови лица на листите на СДСМ како бегање од одговорност од страна на раководството на оваа партија, посочува Савески.
Тоа веќе стана рутинска работа, големиот газда, лидерот, одредува кој ќе биде и полека се создаваат тие кланови околу партиите.


ВМРО-ДПМНЕ игра на логиката се додека оди-оди, коментира аналитичарот Алајдин Демири.

„Ја држи таа супстанца и етаблира работници, функционери-работници кои се уценуваат со гласање.“

Истата логика ја следи и ДУИ, посочува Демири. Инаку, во албанскиот блок, како што додава, не се забележува никаков нов пристап ниту со оглед на платформите ниту со оглед на листите.

„Тоа веќе стана рутинска работа, големиот газда, лидерот, одредува кој ќе биде и полека се создаваат тие кланови околу партиите, и во едната и во другата, кои зајакнуваат и секогаш истите личности се појавуваат.“

Вкупно 14 политички партии меѓу кои се и пет коалиции, до 29 март 2014 година до 24 часот, во Државната изборна комисија доставиле листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македониј. За сите шест изборни единици во Република Македонија свои листи на кандидати за пратеници во Собранието на РМ доставиле ВМРО Народна партија, Коалиција Гром, Коалиција за позитивна Македонија и Социјалдемократска партија на Македонија (СДПМ).

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG