Достапни линкови

logo-print

Претседателската кампања во фокусот на неделниците


Предизборен митинг на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов во Ресен.

Предизборен митинг на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов во Ресен.

Неделниците, од недела в недела, како главна тема ги имаат анализите за главните опоненти во изборите.

Изборите навистина се блиску, и неделниците, од недела в недела, како главна тема ги имаат анализите за главните опоненти во нив. Фокус, во уводната колумна „За нештата да станат појасни“, пишува за „Груевски со тактиката на Бурдуш“. (Бурдуш, потсетува Фокус, е јунак од една хумористична серија во времето на поранешна СФРЈ, Ром, музикант, кој на стари години посетува вечерно училиште и кој не знае ништо друго освен за железо, па и од предметот географија ја кажува само лекцијата за железото).

Фокус - Груевски со тактиката на Бурдуш
„Железото“ за Груевски е Црвенковски, а дека опсесијата на груевци со Бранко веќе добива опасни размери.


Авторката на колумната, имено, има впечаток дека „железото“ за Груевски е Црвенковски, а дека опсесијата на груевци со Бранко веќе добива опасни размери. Неродено дете ќе го поврзат со Бранко зашто мајка му дишела ист воздух со Црвенковски, иронизира Фокус. И во „бурдуш“ стил, во Струга, обнароди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, зошто Стево Пендаровски е од „децата на Бранко“. Ја разви пастирот тезата - да си со години со Бранко, и ниту еднаш да не се оградиш од него или да се противставиш на негов став... за да финишира со тезата - и ти си Бранко! Позајмувајќи ја оваа мисловна операција - кога во овие 5 години Ѓорге Иванов се оградил или се противставил на кој и да е став на Груевски!? Никогаш. И дали Иванов сега е од „децата на Груевски“? - прашува Фокус.
Повеќе од очигледно е дека станува збор за страв од соочување и бегање од преземање одговорност за нов срамен пораз.


Република - Сакаат функции без соочување со народот

Република им се придружи на провладините медиуми и новинари за кои деновиве еден колумнист од спротивна провиниенција рече дека повеќе дури и од членството на партијата го плачат и тажат СДСМ како „црна чума да се задала“ затоа што неговите први луѓе се исклучиле од пратеничките листи. Поентата на повеќето текстови на истата тема е на насловната: под фотографијата на Шеќеринска и Заев стои наслов: „Сакаат функции без соочување со народот“. Во уводната колумна од главниот уредник на неделникот „Кој му ја „скрши“ кичмата на Заев?“, авторот зборува за самоуништувачкиот процес на најголемата опозициска партија и тоа по вина на своето раководство. Повеќе од очигледно е дека станува збор за страв од соочување и бегање од преземање одговорност за нов срамен пораз, заклучува уводничарот на Република, кој однапред знае дека СДСМ ќе доживее пораз на изборите.

Глобус - Новите кандидати на СДСМ ги срушиja сценарија на власта

Глобус, пак, пишува дека „Новиот ешалон кандидати на СДСМ ги сруши подготвените сценарија на власта за априлските избори“ потсетувајќи дека партијата, чиј лидер и наш премиер беше не во втората, туку во третата гарнитура, односно во 1996 година беше обичен советник во Општина Центар, а некој одлучи сепак да го стави на „иглениот врв“ сега се шокира од т.н. втора лига на СДСМ, која оди на парламентарни избори, наведува Глобус, заклучувајќи дека тактиката на опозиционерите, засега, барем е во нешто успешна - ги торпедираше сите подготвени спинови на власта. За да подготви нови, таа влегува во „цајтнот“ пишува неделникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG