Достапни линкови

Анкетираните граѓани велат дека веќе се заситени од избори и дека не сакаат повеќе да гледаат политички препукувања на телевизиската програма.

Долги и здодевни говори, еднолични политички кампањи и стари ветувања. Ова се основните впечатоци на граѓаните од почетокот на изборната претседателска кампања досега. Тие велат дека веќе се заситени од избори и дека не сакаат повеќе да гледаат политички препукувања на телевизиската програма. Граѓаните коишто ги анкетиравме објаснуваат дека покрај секојдневните обврски и проблеми не сакаат ниту можат да одвојат време за политичарите и нивните ветувања.
Не ги следам, се обидувам да ги избегнам, не ми причинува никакво задоволство да ги слушам, не ми е мерак.


„Би сакал да се пократки малку, не мора да се толку долги, се разбираме.“

„Не ги следам, се обидувам да ги избегнам, не ми причинува никакво задоволство да ги слушам, не ми е мерак.“

„Сите ми се еднолични, никој посебно не ми оставил впечаток.“

„Досадни се, менувам канал, навистина се досадни“, велат граѓаните.

Што се однесува до ветувања, велат дека се навикнати да ја слушаат истата плоча со години, иако овој пат реториката е за нијанса покултурна.

„Во споредба со последната кампања, ова е цивилизациска работа. Инаку, на претходните предизборни кампањи, се изнаслушавме глупости и бесмислени зборови“, вели еден граѓанин.

Како го оценувате досегашниот тек на кампањата? Погледнете ја анкетата и оставете ваш коментар овде. Дел од граѓаните сметаат дека без разлика на она што политичарите го ветуваат, граѓаните ќе гласаат според однапред определена матрица, односно дека политичката кампања нема да влијае врз нивниот избор на денот на гласањето.
Тие се определени уште пред да почне кампањата и малку може да се промени со една ваква кампања. Тие што се за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за Иванов, тие што се за СДСМ ќе гласаат за Пендаровски.


„Тие се определени уште пред да почне кампањата и малку може да се промени со една ваква кампања. Тие што се за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за Иванов, тие што се за СДСМ ќе гласаат за Пендаровски“, вели анкетиран граѓанин.

Експертите велат дека честото организирање на избори, предизвикува одбивност кај граѓаните, како и намалување на довербата во политичарите затоа што постојано се слушаат само ветувања и најави за подобар живот кој само што не почнал. Поради таквата појава, неопределените гласачи и натаму остануваат аполитични додека партиските војници се втурнуваат во еуфорија.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, кој има и пратеничко искуство, вели дека за време на избори сите се „збунети“, и политичарите и граѓаните, едните ветуваат сè и сешто, другите им веруваат, а по избори ги фаќа масовна амнезија.

„Просто е чудно колку се толерантни граѓаните и колку кај нас забораваат на ветувањата и како и нив да ги фаќа некоја предизборна треска и забораваат што им било ветено и по сè изгледа дека пак гласаат по некоја инерција на кампањата, новите ветувања, а тука има и нечисти игри, форми и методи“, вели Рамадани.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG