Достапни линкови

Двојна формула, референдум или меѓународна помош


Спорот за името со Грција е неизбежна тема и во предизборната кампања на кандидатите за претседател на Македонија.

Народен консензус, лобирање и барање поддршка како и неменување на идентитетот во основа се најчестите стратегии кои деновиве ги промовираат претседателските кандидати за решавање на спорот со името со соседна Грција.
Jас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула.
Зоран Поповски, кандидат за претседател на Македонија од ГРОМ.


Кандидатот на партијата ГРОМ Зоран Поповски, во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, забележува дека досега имаме направено отстапка со знамето додека сме признаени од 136 земји под уставното име, а тука е и хашката пресуда.


„Меѓутоа, договор со Република Грција околу взаемното ословување, впрочем нашиот јужен сосед има неколку имиња, па можете да го викате и Грис и Елада и Хелас, така што во таа комуникација јас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула“, вели Поповски.
Ниту еден поединец, ниту група граѓани или политичари, партија, влада или собрание, не може да оди против волјата на народот која е конечна.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија кој бара втор мандат од граѓаните.


Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор претседателски мандат од владејачката партија Ѓорге Иванов вели дека како претседател нема да дозволи решение на наметнатиот спор од Грција без граѓаните да се изјаснат на референдум.


„А притоа, мнозинството од граѓаните, кои ќе излезат на референдум да се согласни со решениете. Ниту еден поединец, ниту група граѓани или политичари, партија, влада или собрание, не може да оди против волјата на народот која е конечна“, рече Иванов.

Кандидатот на опозициската СДСМ вели дека внатрешната кохезија и лобирањето се клучни за решавање на спорот.

„Убеден сум, дека Македонија може да ги решава сите свои проблеми, меѓу нив и оној што ни е наметнат од Грција за името на нашата земја, само под два услови: Прво, со внатрешна кохезија и второ, во сојуз со најголемите во светот“, рече Пендаровски.

Кандидатот на ДПА Илијаз Халими во интервју за „Дочје веле“ порача формирање на посебна група на стручни лица.

„Ова би бил мојот прв чекор, кога би станал претседател. Инаку, предлозите на посредникот Нимиц се познати и сите тие треба да се разгледуваат на тој начин што нема да се гиба во идентитетот и интегритетот на ниеден народ што живее во Македонија. Ниту на Македонците како најмнозински народ“, вели Халими.

Аналитичарот Ким Мехмети вели дека ваквите стратегии, посебно лобирањето вредат колку внатрешните аргументи.

„Ние некогаш забораваме дека предуслов за надворешната политика е внатрешната состојба. Знаете, какви темели има куќата, како стои, дали има караници и секогаш ова влијае како ќе бидете третирани од надвор и во конкретниот случај Грција купува време оти гледа дека внатре остануваат истите проблеми и се надева дека Македонија еден ден ќе дојде до тоа да нема потреба ниту да го менува името, ниту да бара решение за името“, вели Мехмети.
XS
SM
MD
LG