Достапни линкови

Молдавскиот премиер предупредува на провокации од Придњестровие


Проевропскиот премиер на Молдавија, Јурие Леанка предупреди на „серија провокации“ од Придњестровие. Тој вчера рече дека анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија „може да ги подигне очекувањата“ во овој сепаратистички регион во Молдавија, кој според НАТО е наредна можна цел на Русија. Леанка наведе дека има притисоци врз неколкуте молдавски училишта во Придњестровие, врз земјоделците кои се обидуваат да го обработуваат земјиштето во пограничните области, како и дека има воени вежби од „паравоени формации“ и од руските сили стационирани во областа.

Придњестровие, каде што доминантно се зборува на руски јазик, прогласи независност од Молдавија во 1990 година. Краткотрајната војна од 1992 година заврши така што руската војска интервенираше на страната на Придњестровие.

Во меѓувреме, молдавскиот министер за надворешни работи вчера изјави дека американската помошничка државен секретар за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд ќе го посети Кишињев на 30 март.
XS
SM
MD
LG