Достапни линкови

Oколу 400 илјади луѓе раселени оваа година во Ирак


Најмалку 12 луѓе загинаа синоќа, а повеќе од 30 се ранети, во три бомбашки напади во Багдад. Во едниот напад во западен Багдад загинале најмалку четворица луѓе, а во експлозија на автомобил бомба во северниот дел на градот загинале седуммина луѓе. Во друга експлозија на автомобил бомба загинал уште еден човек. Сè уште никој не презеде одговорност за нападот.

Во меѓувреме, пратеникот на Обединетите нации во Ирак, Николај Младенов, соопшти дека околу 400 илјади луѓе се раселени оваа година поради насилствата во западниот дел на Ирак. Тој вчера го предупреди Советот за безбедност на ОН дека без понатамошно финансирање Обединетите нации „многу наскоро не ќе бидат во можност да продолжат со хуманитарната помош за оние кои бегаат од борбите“ во провинцијата Анбар во западниот дел на Ирак. Младенов рече дека конфликтот во соседна Сирија ги засилува и секташките тензии во Ирак и им нуди можност на терористичките мрежи да воспостават прекугранични врски. Речиси 8.000 цивили беа убиени во Ирак во 2013 година.
XS
SM
MD
LG