Достапни линкови

Дневен печат - Избори и спорот за името


Кампањата за претседателските избори, кандидатските листи за предвремените парламентарни избори и спорот за името се во фокусот на дневниот печат.

Еве што значи силна јавност: Поради острите реакции во земјата „Административниот суд во Анкара ја суспендира одлуката на турскиот премиер Ердоган за забрана на пристапот до Твитер во Турција“, објави Утрински. Забраната беше во сила само шест дена.
Почна битката за тронот - Иванов во Охрид: Виа Игнација повторно ќе минува тука. Пендаровски: Македонија да се споредува со светот, не со самата себе.

А кај нас: „Почна битката за тронот - Иванов во Охрид: Виа Игнација повторно ќе минува тука. Пендаровски: Македонија да се споредува со светот, не со самата себе“ - наслови Утрински, информирајќи за почетокот на претседателската трка. Слободен печат оцени: „Универзални пораки во Скопје, демонстрација на моќ во Охрид“, а Дневник: „Кај Иванов силно, кај Пендаровски со солзи“.

Вечер објавува мислење од Божиновски, политиколог близок по ставовите до партијата на власт, со наслов: „Експертите со оценки за настапите на претседателските кандидати - И Пендаровски сака да се дистанцира од СДСМ“. Слободен печат, пак, пишува: „Груевски го оцрнува Пендаровски, Иванов набројува владини успеси“.
Ќе се крои името за влез на Македонија во НАТО.

Во врска со партиските понуди за вонредните парламентарни, за „чесната пратеничка понуда“, според лидерот на СДСМ, Заев, Утрински оценува дека: „СДСМ истрча на изборите со втората постава, со лица главно со поскромен политички багаж“. Дневник насловува: „Во СДСМ кавга поради изборните листи“, а дека „Заев ветил оставка ако ги изгуби изборите“. Вечер пишува дека „Шеќеринска и Заев бегаат од избори како ѓавол од крст“, во врска со нивното отсуство од пратеничката листа на опозициската партија. „Кого и да кандидирате, пораз не ви бега“ - предвидува Вечер.

Во меѓувреме, новиот предизборен финансиски извештај на Министерството за финансии покажува дека „Дефицитот е 70 отсто веќе потрошен - за неполни три месеци буџетски минус од 207 милиони евра“.

Власта со порака до досегашниот коалиционен партнер: за проектот на општина Чаир за изградба на плоштадот Скендер-бег, притворен е градежникот, бугарски државјанин, под обвинение дека сторил проневера со лажни фактури за поврат на ДДВ тешка половина милион евра.

Вечер објави дека на најновата рунда средби на Нимиц со македонскиот и грчкиот амбасадор во Њујорк, „ќе се крои името за влез на Македонија во НАТО“, а Утрински и Дневник одат со наслови: „Нимиц договори нови преговори“ и „Според грчкиот весник Прото тема, Нимиц најавува нов предлог за спорот со името“.

Како за крај, нешто поврзано со актуелните случувања околу Украина и Крим: Утрински објави: „ЕУ носи санкции - Македонија укинува визи за Русија. Иако Македонија и претходно донесуваше вакви олеснувања за руските граѓани, во екот на санкциите што ги воведува ЕУ кон руски граѓани, одлуката добива и политичка конотација“, забележува весникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG