Достапни линкови

Границите во Европа не можат да се менуваат со сила


Американскиот претседател Барак Обама во главниот говор за време на неговата посета на Европа, ја прекори Русија за употребата на сила во Украина. Тој исто така оцени дека со текот на времето ќе надвладее утврдениот сојуз меѓу Соединетите држави и Европа.

Претседателот Барак Обама, зборувајќи за единството на Европа постигнато по двете светски војни, а потоа и по Студената, изјави дека продолжува натпреварот на идеи што водеа кон овие конфликти.

„Дојдов тука денес да инсистирам дека ние никогаш не смееме да мислиме оти напредокот постигнат тука во Европа и кој напредува во светот е загарантиран, бидејќи натпреварот на идеи продолжува за вашата генерација и тоа сега е влогот во случајот со Украина.“

Обама оцени дека руската акција во Украина претставува момент за тестирање на светот.
Според него, Соединетите држави и Европската унија немаат интерес да ја контролираат Украина и оти Вашингтон и НАТО не бараат конфликт со Русија.

Обама, исто така ги отфрли оценките дека светот е пред нова Студена војна, поради руската анексија на Крим.

„Ова не е друга Студена војна во која влегуваме. Впрочем, за разлика од Советскиот сојуз, Русија не раководи со блок на земји со глобална идеологија. Соединетите држави и НАТО не бараат конфликт со Русија.“

Рече Обама кој призна дека не постои начин за истерување на Русија од Крим. Тој ги отфрли и споредбите на Крим со Косово.
Ова не е друга Студена војна во која влегуваме. Впрочем, за разлика од Советскиот сојуз, Русија не раководи со блок на земји со глобална идеологија. Соединетите држави и НАТО не бараат конфликт со Русија.

„НАТО интервенираше откако луѓето на Косово беа систематски злоставувани и убивани со години, а Косово се оддели од Србија по рефрендум кој не беше организиран надвор од рамките на меѓународното право, туку со внимателна соработка на Обединетите нации и соседните земји. Ништо од тоа ни одблиску не се случи на Крим.“

Сепак, според него, се додека Соединетите држави и сојузниците останат единствени, русите, како што рече, ќе сфатат дека не можат да постигнат сигурност, просперитет и статус каков што посакуваат.

Претседателот Обама оцени дека би било неразумно да се игнорира она што се случува во Украина со оглед на европската историја во изминативе сто години.

„Таквата рамнодушност ги игнорира лекциите напишани во овој Континент“, изјави Обама, кој вети дополнителни санкции против Русија доколку преземе натамошни чекори во Украина.
Тој притоа го повтори предупредувањето дека ќе се зголемува меѓународната изолација на Русија се додека нејзиното раководство остане на сегашниот курс. Експертите за американската надворешна политика различно го оценија говорот на Обама во Брисел.

„Мислам дека сигналот за Русија е дека Кремљ треба да размисли, бидејќи во постигнување краткорочни цели, ќе трпи долгорочни последици.“

Вели Вилијем Тоби. Со него не се согласува Ендрју Качинс кој изрази разочараност од говорот на Обама:

„Мислам дека говорот беше полн со шарена реторика и суштински празен за она што ние Европа и Соединетите држави можат и треба да направат за поддршка на украинскиот суверенитет.“

оценува Качинс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG