Достапни линкови

logo-print

Македонија и Грција сакаат забрзување на преговорите


Немаше конкретни резултати од средбата. Имаше искрени и динамични разговори. Двете страни се согласија разговорите да се интензивираат, изјави Нимиц.

Денешните разговори за спорот за името во Обединетите нации не донесоа напредок, но двете страни се согласни разговорите да се забрзаат, изјави амбасадорот Метју Нимиц, по средбата со посредниците во разговорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
Немаше конкретни резултати од средбата. Имаше искрени и динамични разговори. Двете страни се согласија разговорите да се интензивираат. Страните се задоволни со овој формат на разговори, можно е да организираме нова ваква средба во мај.


„Немаше конкретни резултати од средбата. Имаше искрени и динамични разговори. Двете страни се согласија разговорите да се интензивираат. Страните се задоволни со овој формат на разговори, можно е да организираме нова ваква средба во мај, како и јас подоцна да го посетам регионот. Свесен сум дека во тек се избори и избегнувам ситуација, која би можела да го влоши проблемот, изјави Нимиц по едно и пол часовната средба во седиштето на Обединетите нации.

По македонските претседателски и парламентарни избори, Грција одржува избори за Европскиот парламент на крајот на мај. Се очекува следната средба во Њујорк да биде пред грчките избори, а потоа посетата на Нимиц на Македонија и на Грција да следи откако во двете земји ќе завршат изборните циклуси.

Нимиц не даде конкретен одговор на прашањето дали на средбата бил разгледан неговиот таканаречен априлски предлог.
Низ годините дадов повеќе предлози, и ниту еден од нив не ја доби безусловната поддршка на двете страни.

„Низ годините дадов повеќе предлози, и ниту еден од нив не ја доби безусловната поддршка на двете страни. Им реков на страните дека треба постојано да ги разгледуваме старите идеи бидејќи можеби ќе најдеме нова виталност во нив, додека да се најде решение, изјави Нимиц, кој на прес конференцијата зборуваше сам.

Двајцата посредници вообичаено не даваат изјави за јавноста, особено по избувливиот настап на Василакис кон новинарката на Македонската радио-телевизија во 2012 година, а овојпат посредниците стоеја во целост настрана од камерите. За неговата средба со германскиот канцелар Ангела Меркел, Нимиц рече дека повеќе големи сили се сериозно заинтересирани да се најде решение на спорот.

„Разговарам со повеќе земји кои се заинтересирани за ова прашање и во многу важни главни градови има сериозен интерес да се разреши прашањето. Ова е прашање кое не влијае само на односите на двете земји туку и на целиот регион, регион кој е важен на многу луѓе. Канцеларот Меркел изрази навистина сериозен интерес да се реши овој проблем, заклучи Нимиц.

Аналитичарите не веруваат во брз напредок

Средбите во Њујорк за името, нема да донесат позначајно придвижување на спорот меѓу Македонија и Грција, но состанок може да биде и порака до двете страни дека работите треба да се помрднат.
За професор Димитар Мирчев одржувањето разговори во текот на изборната кампања е случајно совпаѓање, бидејки тие средби се договорени одамна.

„Тие средби се договорени, се одвиваат 2-3 пати годишно, дури мислам дека Нимиц не бил свесен кога ќе се одржат изборите кај нас или во Грција. Мислам дека медијаторот Нимиц редовно сака да ги ислуша ставовите на свете страни, дали има некои промени“, изјави Мирчев. Сепак Мирчев дополни дека се надева дека медијаторот Нимиц ќе даде некаков корисен и конструктивен предлог и без разлика на изборите во двете земји да се разгледаат тие предлози доколку ги има.

Меѓутоа поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин денешните разговори за спорот за името во Њујорк ги гледа во корелацијата со настаните во Крим. Според него меѓународната заедница ќе преиспита кои се нејзини сојузници на Балканот на кои НАТО може да смета.

„Гео-политиката го прави своето, сметам дека во тие, би рекле за нас, чудни околности пред почетокот на изборните кампањи и во Грција и во Македонија, се случува Нимиц да испита каква е состојбата, дали постои некоја можност за некој брз компромис.“

Ружин очекува уште поинтензивна комуникација во наредниот период во зависност од развојот на ситуацијата околу Крим.

„Не можеме да очекуваме нешто многу од средбата меѓу Нимиц и преговарачите, но Македонија може да се понадева, да очекува некоја промена доколку се деградира состојбата со Украина и доколку се почесто почне да се размислува геополитички, не би бил изненаден доколку Македонија и Црна Гора добијат брза покана за членство. Македонија би била примена под референцата ФИРОМ, бидејќи ние сега сме интересни за Западот.“

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека разговорите во Њујорк се со цел да се најдат нови начини за решавање на спорот за името и интегрирањето на земјата во евро-атланските структури до Самитот на НАТО во септември.

„Овој состанок е порака до двете страни дека работите треба да се помрднат. Не верувам дека сега тие ќе излезат со решение од состанокот, но верувам дека ќе мора да ги помрднат работите.“

Последните вакви разговори на Медијаторот на ОН Метју Нимиц со претставниците на Македонија и на Грција, Јолевски и Василакис се одржаа при крајот на октомври минатата година, по што амбасадорот Нимиц истакна дека меѓу двете страни се уште има големи разлики по ова прашање.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG