Достапни линкови

logo-print

МИМ - Награди за истражувачки приказни


Сторијата за комплицираните операции на катаракта во Градската болница, со кои им е оштетен видот на педесетина пациенти е првонаградена на конкурсот “Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија во 2013 година. Серијата текстови на новинарката Ирена Мулачка се објавени во неделникот „Фокус“.

Менче Атанасова Точи, новинарка во порталот „Нова ТВ“ е добитничка на втората наградата за серијата прилози посветени на алармантната состојба со загадувањето во Кавадарци. Третата награда ја освои Томислав Кежаровски за текстовите поврзани со истрагата за сообраќајната несреќа во која загина новинарот Никола Младенов, објавени во дневниот весник „Нова Македонија“.

Годинава стручното жири додели и две пофалници за исклучителен новинарски ангажман. Новинарката Сашка Цветковска доби признание за примената на нови техники при истражување податоци на Интернет, во врска со сторијата за имотот на првиот човек на тајната полиција, објавена на Интернет порталот „Нова ТВ“. Новинарот Петре Димитров доби пофалница за обемниот серијал посветен на штитеничка во Заводот за заштита и рехабилитација во Банско, објавено на порталот „Е–Магазин“.

На годинешниот конкурс се пријавија 21 автор, со вкупно 29 стории обработени во 91 текст/прилог кои беа објавени во дневните весници и Интернет портали. Целосниот извештај на независната жири комисија која го направи изборот на најдобрите истражувачки стории за 2013 година е прикачен во прилог.
XS
SM
MD
LG