Достапни линкови

Мониторите апелираат на почитување на изборните закони


Организациите задолжени за мониторинг на изборниот процес започнаа со работа. Тие повикуваат законот да се почитува.

Кампањата за претседателските избори и официјално започна, а со тоа и работата на оние кои планираат будно да ја проследат. Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека нивниот тим започнал со работа од 10 март и него го сочинуваат 11 експерти кои ќе работат во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи распоредени низ целата земја. Тие како и секогаш ќе ги оценуваат изборите во однос на усогласеноста со обврските на ОБСЕ и на меѓународните стандарди, како и со домашните закони. Но, како што велат оттаму ќе ја посматраат и работата на изборната комисија, регистрацијата на кандидатите и медиумското опкружување.
Нашите регионални координатори и волонтери веќе се распоредени низ целата држава, ги следат сите предизборни митинзи и претставувања на кандидатите.


Теодора Поповска од МОСТ вели дека ќе го следат целиот тек на изборната кампања.

„Нашите регионални координатори и волонтери веќе се распоредени низ целата држава, ги следат сите предизборни митинзи и претставувања на кандидатите низ повеќе градови и секако ќе известуваат за истите, во принцип запазувањето на законско пропишаните регулативи со изборниот законик. Наодите за текот на изборната кампања, МОСТ како и другите години, така и оваа, навремено ќе ги презентира во јавноста.“

Претседателот на невладината Цивил, Џабир Дерала вели дека го започнале проектот Слободни избори 2014.
Гледаме во еден поширок контекст кој вклучува владеење на правото, демократија, демократски институции и секако акцентот на човековите права и слободи.


„Пред се се состои во подолгорочно набљудување на политичката ситуација од различни аспекти, меѓутоа најмногу од аспект на почитување на човековите права и слободи, а тука спаѓаат и правото на избор, на слободна волја на граѓаните, значи не го гледаме изборниот процес од неговиот чисто техничко-правен аспект, туку гледаме во еден поширок контекст кој вклучува владеење на правото, демократија, демократски институции и секако акцентот на човековите права и слободи.“

Дерала додава дека од вчера функционира и редакцијата на Цивил за продуцирање вести и информации од теренот.

„Уште на самиот почеток забележуваме дека има низа нерегуларности кои се однесуваат на изборниот процес во Македонија и апелираме до граѓаните да ни се јават во секое време да ни соопштат што им се случува на теренот, ние секако ќе се обидеме да преземеме некои мерки кои се во рамките на законот.“

Првичните согледувања за кампањата од ОБСЕ/ОДИХР најавуваат дека ќе ги објават за околу една недела.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG