Достапни линкови

logo-print

Преживеани спомени – Оживување на нашата колективна свест


„Преживеани спомени“ е насловена изложбата на фотографии и видео инсталацијата на Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска што ќе биде отворена овој вторник, на 25 март, во 20 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Станува збор за дел од проектот „Фотографијата – сведок или жртва“ чија цел е да посочи на фактот дека во време на природни катастрофи покрај човечките животи се уништува и дел од културното наследство.

Дваесет и четири портретни црно-бели фотографии во големи формати и видео инсталација којашто ги содржи потресните приказни на осумте избрани личности, сведоци на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, ја чинат изложбата „Преживеани спомени“ што ќе се случува во Националната галерија на Македонија - мултимедијален центар „Мала станица“.
Идејата и самата цел на тој проект е да се укаже на фактот дека фотографијата од една страна ги памети сите наши спомени, целото наше минато, значи дека е доста силен медиум, а од друга страна како еден хартиен документ таа е доста нежен, доста кршлив предмет што е подложен на уништување.

Автори на постановката, чија основна цел е да посочи на фактот дека во време на природни катастрофи покрај човечките животи се уништува и дел од културното наследство, се уметниците Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска.

„Изложбата „Преживеани спомени“ е дел од еден поголем проект што беше насловен „Фотографијата – сведок или жртва“ и којшто Македонскиот центар за фотографија го реализираше минатата година. Идејата и самата цел на тој проект е да се укаже на фактот дека фотографијата од една страна ги памети сите наши спомени, целото наше минато, значи дека е доста силен медиум, а од друга страна како еден хартиен документ таа е доста нежен, доста кршлив предмет што е подложен на уништување“ истакнува Јанкуловски.
Со оваа изложба ја оживуваме нашата колективна меморија и се надеваме дека ние и следните генерации нема да ги доживеат страдањата на овие луѓе.

Тој дополнува дека на фотографиите се прикажани и предмети што некои од триесеттината интервјуирани лица ги чуваат како спомен од времето пред земјотресот, а дел и од самиот ден на катастрофата. Сето тоа е конципирано во форма на фото и видео инсталација која ги донесува искуствата на снимените сведоци што тие ги споделуваат со публиката.

Моника Мотеска, пак, појаснува дека во рамките на проектот „Фотографијата – сведок или жртва“, во текот на минатата година биле реализирани неколку изложби и една меѓународна научна конференција. Најнапред биле претставени изложбите на српскиот фотограф Томислав Петернек и на Холанѓанецот Франк Велтер, кои пристигнале во Македонија веднаш по земјотресот и направиле потресни фото записи од деновите полни со очај и тага, за да потем биде одржана и средбата на којашто за зачувувањето на културното наследство дебатирале познати македонски научници и уметници и конзерватори од Музејот во Ротердам.

Таа вели дека „Преживеани спомени“ е третиот дел од овој проект на Македонскиот центар за фотографија со кој тие како автори, во случајов помогнати од монтажерот на видеото Ванчо Мираковски, сакаат да покажат дека покрај луѓето што е најважно, жртви на ваквите катастрофи се и фотографиите, сликите, скулптурите, сето она што претставува културно наследство на една земја.

„Со оваа изложба ја оживуваме нашата колективна меморија и се надеваме дека ние и следните генерации нема да ги доживеат страдањата на овие луѓе“, вели таа.

Инаку, овој проект на Македонскиот центар за фотографија финансиски е подржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG