Достапни линкови

Една петтина од македонските деца се раѓаат во странство


Македонските граѓани го зголемуваат наталитетот на Западна Европа. Во 2012 година, секое петто дете на македонски државјани е родено во странство.

Во изминативе 5 години расте трендот на родени деца надвор од Македонија. Главната причина за тоа е долгогодишниот иселенички тренд во земјава, поради што во изминатиов период сѐ повеќе новороденчиња на македонски државјани се раѓаат во странство. Станува збор за една петтина од вкупниот број на родени деца во земјава чии родители одлучиле своите егзистенцијални прашања да ги решаваат во странство.
Повеќето деца родени во странство се со потекло од западна Македонија, а во некои места може да се забележи дека има повисок природен прираст на Македонци во странство отколку во државава.

Според последните податоци од матичните книги, во 2012 година се родени 4221 деца во странство што е за речиси 800 повеќе од бројката во 2009-та година.

Во 5 општини од Западна Македонија има повеќе живородени деца во странство отколку во земјава. Тоа се општините Осломеј, Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Зајас. Од вкупно 80 општини во земјава, само во 7 од нив не е забележано во матичните книги дека се родило дете надвор од границите.

Повеќето деца родени во странство се со потекло од западна Македонија, а во некои места може да се забележи дека има повисок природен прираст на Македонци во странство отколку во државава. Бидејќи македонските институции сè уште немаат официјални податоци за иселувањето од земјава, а вработувањата на иселениците во странство се водат како привремени заминувања, новороденчињата родени во друга земја што добиваат македонско државјанство се најдобра потврда дека луѓето ја напуштаат земјата вели Дончо Герасимовски, демографски аналитичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Претежно гледаме дека тоа се млади семејства коишто во наредниот период, доколку заминуваат со целите своите семејства, тие ќе имаат и зголемување на бројот на живородени деца.

„Од севкупните проблеми и појави коишто ги имаме во однос на невработеноста, на социјалата, на економските состојби во земјата, може да се констатира дека бројот на овие лица коишто заминуваат во странство од година в година е поголем, а претежно гледаме дека тоа се млади семејства коишто во наредниот период, доколку заминуваат со целите своите семејства, тие ќе имаат и зголемување на бројот на живородени деца“, вели Герасимовски.

Тоа се деца на иселеници од Македонија кои работат во странство и кои во согласност со регулативата, бидејќи нивните родители имаат македонско државјанство, добиваат македонско државјанство и се заведени во матичните книги на родени. Но, ова се бројки добиени само од иселениците коишто имаат регулиран статус во странство, а не и за оние луѓе кои таму остануваат на црно.

Податоците покажуваат дека најголем број од децата родени во странство, а се регистрирани во матичните книги во земјава кај нас, има во Италија, односно 1.400, па во Швајцарија 1.395, а во Германија и Австрија по околу 300, па следуваат Словенија, Белгија, Данска, Хрватска.

Герасимовски додава дека без спроведување на попис не можеме да дознаеме колку вкупно државјани на Македонија живеат надвор од нејзините граници.

„Во поново време карактеристична е појавата на заминување на население од источна Македонија. Тука се карактеристични Делчево, Македонска Каменица, Виница, коишто претежно во последните години заминуваат на работа во странство, претежно во Италија“, вели Герасимовски.

Најголем дел од децата родени надвор од Македонија во текот на 2012 година се од Гостивар - 640, а во истата општина се родени 743 деца. Меѓу останатите општини со голем број новороденчиња во странство се Врапчиште (214), Боговиње(199), Куманово(188), Липково(166), Желино(150) и Маврово-Ростуше(147).

Според Еуростат, од 1998 година до 2011 година од Македонија се иселиле 230 илјади граѓани со регулиран престој во странство, односно над 10 отсто од вкупното население. Од нив 170 илјади Македонци имаат привремен престој во земјите од ЕУ, а најголем дел од иселениците живеат во Италија, Германија, Австрија и во Словенија. Според Еуростат, од 2002 до 2008 година се забележува и масовно одобрување странски државјанства за македонските граѓани. Во овој период, околу 5.000 луѓе годишно добивале пасош во друга земја, но, бидејќи не се знае колку луѓе имаат нерегулиран престој во странство, се претпоставува дека бројката е многу поголема.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG