Достапни линкови

Неделен печат – Избори и оф-шор сметки


Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Фирмите од Панама и Лугано со непознати сопственици што инвестираат во Македонија и претстојните избори се дел од темите во неделниот печат.

Фокус - Панама и Лугано беа кобни за Љубе, ама и Шилегов удри во осилото
Останува енигма зошто на крајот ВМРО-ДПМНЕ одлучи Иванов да го кандидира со група пратеници? За да не се види вистинската бројка потпишани граѓани (по матичен број и своерачен потпис), која е далеку помала од таа што ја проектираше штабот на партијата!?
Фокус.

Фокус, во најновиот број, со насловна страница на која на потерница се прикажани Љубе Бошкоски и Петре Шилегов, и на која со крупен наслов пишува „Панама и Лугано беа кобни за Љубе, ама и Шилегов удри во осилото“, поместува уводник метафорично насловен со: „Гуски во магла“. Авторот изразува сомнеж дека токму 63.000 потписи од граѓани беа собрани за неколку дена како поддршка на кандидатурата за втор мандат на Ѓорге Иванов, па објаснува: немаме дилеми, пишува, дека ВМРО-ДПМНЕ, со својата хиерархиска поставеност, во секој момент може да собере 10, 20 или 30 илјади луѓе, а истото, горе-долу важи и за СДСМ. Но, останува енигма зошто на крајот ВМРО-ДПМНЕ одлучи Иванов да го кандидира со група пратеници? За да не се види вистинската бројка потпишани граѓани (по матичен број и своерачен потпис), која е далеку помала од таа што ја проектираше штабот на партијата!? Но, не е проблемот во штабот, пишува Фокус, проблемот е во народот, кај разочараните гласачи, во одбивањето на активистите да се потпишат за кандидатурата на Ѓорге. И тоа е она што овие претседателски избори ги прави неизвесни.
СДСМ може цел месец да води предизборна кампања со кафе-муабети, и тоа е законски, а отчетот пред граѓаните не е.
Република.

Република - Страв од непознатото - Зошто СДСМ се плаши од отчет?

Главен наслов на насловната на Република е „Страв од непознатото - Зошто СДСМ се плаши од отчет?“, за подолу да напише дека, цитирам, „Светски влијателниот Економист објави: Иванов и ВМРО-ДПМНЕ сигурни победници на изборите“. Како да одговара на приговорите од најголемата опозициска партија дека премиерот и актуелниот претседател со отчетот за сработеното го прекршиле Изборниот законик, уводничарот во неделникот ја врти обратно тезата: „СДСМ може цел месец да води предизборна кампања со кафе-муабети, и тоа е законски, а отчетот пред граѓаните не е“. За да додаде дека власта со отчетите, всушност се бранела од секојдневните напади од опозицијата, зашто „ако некој има право да напаѓа, другиот има право да се брани“, заклучува Република.

Глобус - Извлекување од мочуриштето на политичките елити

„Извлекување од мочуриштето на политичките елити“ е насловот на главната тема во он-лајн неделникот Глобус. Една од подобрите страни на изборот на Пендаровски за претседателски кандидат, пишува, е што тој не е човек кој лесно прифаќа фајтерство заради „Тепачка во слепата уличка на политиката“, туку целосно го менува методот на борба за гласачот, пројавувајќи се како умерен, школуван и пристоен човек од соседството, сакајќи да биде Џемс Стјуарт кој оди во Вашингтон по правдата и подобриот живот, а не Џон Вејн кој постојано мора да измислува непријатели за да опстои. Секако, опозицијата мора нешто многу да промени во главите на гласачите, да укаже дека таа од оние кои се сега на власт е темелно поинаква, дека нуди целосно различна визија, не само како идеологија, туку и како прагма на владеење, да ги натера граѓаните да не се согласат со тоа да немаат пристоен живот, да бидат заплашувани, некој да им ги тера младите преку граница, а парите, кои се нивни, да ги става во странски банки, наведува покрај другото Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG