Достапни линкови

logo-print

Ѓорѓи Шарески ја почнува берлинската музичка приказна


Македонскиот гитарист и композитор Ѓорѓи Шарески наредниве денови и официјално го започнува испишувањето на својата нова, берлинска музичка приказна. На 27 март, придружуван од Џијан Емин и неколкумина германски џез музичари ќе одржи концерт во култниот центар „КултурФабрик“, а ден потоа ќе го сними материјалот за албумот наменет за европскиот пазар.

Немирен по дух и полн животна и творечка енергија, џез гитаристот Ѓорѓи Шарески, веќе два месеца го живее својот сон – да работи и твори во големата европска културна метропола – Берлин. Идејата за преселбата, како што вели самиот, се родила пред четири години кога со Џијан Емин биле дел од екипата која работела музика за претстава по текст на Дејан Дуковски, за да приказната се повтори и минатата година, но овојпат нему му се случила и „голема љубов со една посебна девојка“, та затоа воопшто и не се двоумел.
Имав навистина голема среќа што веднаш по моето пристигнување во Берлин остварив добри контакти со навистина добри локални музичари.

Албумот ќе го снимаме во еден ден. Мислам дека сме подготвени за таков еден подвиг. Ние овде завршивме со пробите, Џијан ги знае песните и сето тоа планираме да го документираме во еден сешн од шест часа во кој до израз треба да дојде примарната емоција и енергијата што може да се создаде меѓу нас.
Скопската калдрма ја заменил со булеварите околу Брандербуршката капија и набрзо по џез-клубовите (таму каде што се раѓа и развива примарната емоција и воздига слободната импровизација) ја започнал потрагата по музичките собеседници. Со портфолио во кое се завршените студии по композиција на прочуениот колеџ Беркли во Бостон, шесте бележити албумски изданија (Westland – 2004, Elflandia - Chicken Madness 2005, Georgi Sareski 6 feat. Francesco Bearzatti „Sohoho“ - Chicken Madness 2006, Georgi Sareski Quartet „Myau Myau“ - Skopje Jazz Festival 2007, The Skopje Connection „Amam“ - Enrico Blumer Productions 2009, The Skopje Connection meets Ernst Reijseger - Losen Records 2011) и бројните успешни настапи по големите фестивали, на Шарески не му било тешко да ги оствари првичните контакти. И, тоа не со кого било, ами со музичари кои веројатно врвеле по истите патеки во текот на својата кариера и секој за себе си има солиден кредит од минатото. Така настанал бендот БЕРЛИН 5 во кој покрај нашиот гитарист се Борил Бел на тапани, Кристијан Шанц – бас, Николаус Нојзе – труба и разбирливо Џијан Емин – на клавијатури и на повеќе дувачки инструменти.

„Имав навистина голема среќа што веднаш по моето пристигнување во Берлин остварив добри контакти со навистина добри локални музичари. Започнавме да правиме проби, ним им се допаднаа моите композиции, им се допадна и мојот стил на изведба и тоа кај мене разбуди неверојатна свежина бидејќи подолго време кај нас дома го немав таквото чувство. Едноставно немав таква поддршка ниту од сцената, ниту од повеќето луѓе со кои што свирев и работев во Скопје“, вели Шарески.

Составот неколкупати досега успешно настапувал во помалите берлински клубови, по што уследила идејата за прв промотивен концерт и снимање на материјал за албум. Шарески вели дека за таа пригода одбрал повеќе композиции од своите досегашни изданија кои нему лично му се бендисуваат и кои, патем, навистина „убаво им легнале“ на неговите сегашни придружници. Напишал и неколку нови и сега со нетрпение го очекуваат својот прв голем официјален настап кој е најавено дека ќе биде во познатиот берлински културен центар „КултурФабрик“.

„Концертот ќе биде на 27 март во едно култно место кое што се вика „КултурФабрик“. Станува збор за познат културен центар каде што има киносали во кои се прикажуваат уметнички филмови, театар, галерија и повеќе сцени за музика. Претходно имавме неколку настапи по клубовите на кои свиревме фри-џез, импровизирана музика, а ова ќе биде перформанс на сцената од театарот на кој ќе ги претставам моите композиции и прв официјален концерт на квинтетот во Берлин“, вели Шарески.

БЕРЛИН 5, веќе наредниот ден влегуваат во студио за да ги снимат композициите од кои потем Шарески ќе го прави одбирот за својот нов, седми по ред, носач на звук.

„Албумот ќе го снимаме во еден ден. Мислам дека сме подготвени за таков еден подвиг. Ние овде завршивме со пробите, Џијан ги знае песните и сето тоа планираме да го документираме во еден сешн од шест часа во кој до израз треба да дојде примарната емоција и енергијата што може да се создаде меѓу нас. Ќе снимиме повеќе композиции, за да после тоа ги одберам оние за кои ќе сметам дека се доволно добри за да се најдат на изданието што по моја некоја слободна проценка би требало да се појави овде во Германија некаде во август годинава“, вели Шарески.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG