Достапни линкови

Вести

Северна Кореја истрела уште ракети

Северна Кореја денеска истрела 30 ракети со краток домет во морето во близина на источниот дел на Корејскиот полуостров, јавува јужнокорејската новинска агенција Јонхап. Според агенцијата, проектилите летале околу 60 километри пред да паднат во морето.

Пред шест дена, Северна Кореја истрела 25 ракети со краток домет во морето во близина на нејзиниот источен брег. Јужна Кореја верува дека потегот на Северна Кореја е „вооружен протест“ против заедничките воени вежби на Јужна Кореја и САД кои се одвиваат во моментов. Северна Кореја ги осуди заеднички воени вежби и ги оцени како подготовка за војната, додека Сеул и Вашингтон велат дека тоа се нивни редовни годишни вежби.

види ги сите денешни вести

Убедливата победа на Сиљановска резултат на незадоволство од власта

Втор круг од претседателските избори со кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова.
Втор круг од претседателските избори со кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова.

Победата на Сиљановска Давкова во првиот круг не е изненадување, но неочекувано е убедливото водство пред Пендаровски, коментираат аналитичари за РСЕ. Според нив, Максим Димитриевски и неговата партија ЗНАМ се најголеми добитници. Каква улога ќе имаат гласовите за албанските партии за избор на претседател во вториот круг?

Предноста на Гордана Силјановска-Давкова во однос на актуелниот претседател Стево Пендаровски беше очекувана, но изненадување е големата разлика во гласовите, сметаат аналитичари со кои разговаравме по резултатите од првиот круг на претседателските избори на 24 април.

Сиљановска-Давкова како кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ освои над 362 илјади гласови (40,08 отсто), двојно повеќе од кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски кој освои над 180 илјади гласови (19,93 отсто), според резултатите на Државната изборна комисија (ДИК) по преброени над 99 отсто од гласовите.

Гласањето - казна за актуелната власт

Марко Трошановски - претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, смета дека убедливата победа на Сиљановска пред Пендаровски е многу повисока од очекуваното, но оценува дека граѓаните на овие избори гласале за да ги казнат политиките на актуелната власт.

Тука пред се е незадоволството од високиот степен на корупција и криминал, на што предупредува и меѓународниот фактор. Трошановски најбројува зошто граѓаните ја „казнија“ власта на вчерашните избори.

„Ветувањата во домен на продолжување со партиски вработувања, неказнување на функционерите кои потфрлија во извршувањето на своите работи, скандали без разрешница, нетранспарентни јавни набавки, и на крај Кривичниот законик кој овозможи амнестија и намалување на казните на осудените функционери за злоупотреба на функциите па се до кризата со пасоши и незадоволството од Францускиот предлог усвоен без учество на експерти. На повеќе нивоа се случија потфрлања, но уште повеќе што граѓаните на видоа брза реакција на поправање на овие состојби“, објаснува Трошановски за РСЕ.

Инаку, и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски по вчерашното гласање кажа оти е „јасно дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме“, но дека не очекувале ваков резултат.

Пендаровски не очекувал ваков резултат, но кажа дека нема да се откаже, додека Сиљановска – Давкова побара поддршка од сите во вториот круг, особено од опозицијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на „целосно народно и седржавно обединување против оваа власт“.

Сиљановска Давкова и Пендаровски одат во вториот круг од претседателските избори, кои на 8 мај кој ќе се одржат заедно со парламентарните.

Ова ќе биде нивно второ соочување, откако пред пет години на претседателските изборите во 2019 година, Пендаровски победи тесно со околу четири илјади гласови предност.

Инфографика - Резултати од првиот круг на претседателските избори 2024 во Северна Македонија.
Инфографика - Резултати од првиот круг на претседателските избори 2024 во Северна Македонија.

Најголеми добитници - Димитриевски и ЗНАМ

Политичкиот аналитичар Сефер Селими за Радио Слободна Европа коментира дека убедливото водство на Сиљановска го гледа најмногу во тоа што голем број гласови на СДСМ завршиле на контото на кандидатот на партијата ЗНАМ Максим Димитриевски.

„Не дека не беше очекувано Сиљановска - Давкова да има предност, но не во толкава мера. Нејзината големата предност пред Пендаровски може да се бара во гласовите на господинот Максим Димитриевски, кој очигледно е дека има отцепено еден голем дел од гласачкото тело на СДСМ, што на некој начин ја пресликува казната кон СДСМ од страна на нејзините гласачи“, вели Селими.

Со над 83 илјади гласови, односно 9,26 отсто, Максим Димитриевска е на трето место во македонскиот политички блок. Димитриевски беше кадар на социјалдемократите (СДСМ), но се отцепи од нив пред локалните избори 2021, додека партијата ЗНАМ беше формирана во ноември 2023 година.

Трошановски се согласува и додава дека ЗНАМ сега се „позиционира многу подобро на парламентарните избори“, за разлика од партијата Левица за која вели дека смета оти „е наголем губитник на овие избори“ чија кандидатка Билјана Ванковска Цветковска „наспроти очекувањата“ освоила 4,55 отсто или над 41 илјада гласови.

Албанската опозиција го постигна максимумот

Кај кој кандидат ќе одат гласовите на албанските гласачи и дали тие би биле одлучувачки за изборот на претседател во вториот круг избори на 8 мај?

Вчерашниот резултат на кандидатот на албанските опозициски партии Арбен Таравари, кој освои над 83 илјади гласови (9,21 отсто), според Селими е постигнување на максималниот потенцијал на опозицијата.

„Од друга страна во албанскиот блок беше очекувано и дури во неколку наврати беше кажано дека ќе има таква разлика меѓу господинот Османи и господинот Таравари. Мое мислење е дека опозицијата со овие гласови го достигна својот максимален потенцијал и тешко дека ќе може да има зголемување на парламентарните избори. Од друга страна очекувам дека „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ ќе се мобилизира уште повеќе за да ја продлабочи оваа разлика меѓу нив“, вели Селими.

Во албанскиот политички камп најмногу гласови освои Бујар Османи како кандидат на Европскиот фронт и ДУИ – најголемата албанска партија која беше во коалициската влада со СДСМ. Со скоро 130 илјади гласови, Османи освои 13.36 проценти, според официјалните податоци на ДИК.

По оббјавувањето на резултатите од гласањето двајцата претседателски кандидати од албанскиот политички блок не открија кого нивните партии би поддржале во вториот изборен круг.

Османи оцени дека тој и коалицијата оствариле „длабока победа“, но и дека резултатите покажуваат дека има етничка поделеност при гласањето.

Кандидатот на здружената албанска опозиција, пак, Таравари изјави дека блокот се уште не одлучил кој кандидат или партија ќе поддржи во вториот круг.

Но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа изјави се слушнав со албанската опозиција и со господинот Арбен Таравари.

„Му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори и идна влада во Македонија“, кажа Мицкоски на прес-конференцијата во партискиот штаб.

Проодлжува двојната кампања за претседателските и за парламентарните избори, сега со двајцата кандидати за претседател Сиљановска и Пендаровски. Трошановски смета дека клучна ќе биде убедливата предност на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа секако дека ќе создаде психолошки момент за вториот круг на претседателските и парламентарни избори, каде што гласачите генерално се наклонети кон кандидатот што ја предводи победата и е поизгледно дека ќе победи. Така што очекувам и понатаму поголемо прелевање на гласовите на сметката на Гордана Сиљановска Давкова“, вели Трошановски.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) излезноста на првиот круг од претседателските избори е 49,95 отсто од вкупно 1.814.317 гласачи кои имаа право на глас.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

Зеленски повика на построги санкции против Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање пред Советот на Украина и НАТО на 19 април, 2024 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање пред Советот на Украина и НАТО на 19 април, 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на продолжување на меѓународните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина додека Киев се бори против вооружените сили на Москва.

Зеленски ова го изјави денеска, 25 април, за време на средбата со британскиот министер за финансии Џереми Хант во Киев, со кого разговараше за состојбата во Украина и потребата од порестриктивни мерки против Русија кои ќе биде потешко да се избегнат.

„Посебно внимание посветивме на политиката на санкции. Важно е да се прошират рестриктивните мерки против Русија и да се оневозможи заобиколувањето на санкциите“, напиша Зеленски на платформата Х.

Зеленски, исто така, и се заблагодари на Британија за новиот пакет воена помош што го објави премиерот Риши Сунак претходно оваа недела.

Пакетот вреден 622 милиони долари, најголемиот досега од Британија, Сунак го објави за време на посетата на Полска на 23 април. Со ова вкупниот износ на воена помош што Лондон и ја вети на Украина оваа година се искачи на 3,71 милијарди долари.

Велика Британија, еден од најверните сојузници на Украина, исто така порача дека ќе го испрати досега најголемиот единствен пакет помош со воена опрема за Украина.

„Им благодарам на народот, на Владата, на премиерот и на Парламентот на Обединетото Кралство за нивната поддршка кон Украина уште од почетокот на руската инвазија. Ние навистина многу го цениме партнерството на нашите земји“, напиша Зеленски на X.

Посетата на Хант доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари, кој го усвои Сенатот на 24 април.

Бајден рече дека очајно потребната помош, вклучително и повеќе системи за противвоздушна одбрана, ќе почне повторно да пристигнува во Украина неколку часа по одобрувањето на пакетот помош.

Неколку цивили беа ранети, а инфраструктурата беше оштетена од руското гранатирање на 25 април во неколку украински региони.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

Таткото на убиената Вања заедно со неговиот адвокат во Врховниот суд на Северна Македонија, 13 март 2024 година.
Таткото на убиената Вања заедно со неговиот адвокат во Врховниот суд на Северна Македонија, 13 март 2024 година.

Врховниот суд денеска, 25 април, ја уважи уважи жалбата на таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, со што ја укина определената мерка притвор и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија денеска од Врховен.

Денешната седница всушност беше втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелациониот суд Скопје.

Таткото на Вања е осомничен за помагање во грабнување на неговата малолетна ќерка Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при неговото бегство. На Димовски му се определени мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

Песков: Испораката на американски ракети со долг дострел за Киев нема да промени ништо во конфликтот

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Испораката на американските ракети ATACMS на Украина нема да промени ништо во конфликтот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, еден ден по најавата од Вашингтон за испраќање на овие ракети со долг дострел во Киев.

„Соединетите Држави се директно вклучени во овој конфликт, тие тргнаа на патека насочена кон зголемување на опсегот на вооружениот систем“, рече Песков.

Тој додаде дека испраќањето ракети нема да може да го промени „исходот од специјалната воена операција“.

„Украина првпат почна да користи балистички ракети со долг дострел, кои тајно и беа доставени од Соединетите Држави, кога бомбардираше руски воен аеродром на Крим минатата недела и руски сили во друга окупирана област“, објавија вчера американските власти.

ATACMS (кратенка од Армиски тактички ракетен систем) има поголем дострел, до 300 километри од верзијата на оружјето од 165 километри што го обезбедија САД во октомври.

Тие беа дел од пакетот помош за Украина во март, а не оној штотуку одобрен од Конгресот и потпишан од Бајден претходно на 24 април.

Оружјето се испраќа во критично време додека Русија продолжува да напредува на бојното поле во источниот регион Доњецк.

Администрацијата на Бајден одби да ги испрати порано поради загриженост дека ќе ризикува дополнително ескалација на конфликтот. Според новинските извештаи кои цитираат неидентификувани официјални лица, употребата на Русија на балистички ракети со долг дострел испорачани од Северна Кореја против Украина во декември и јануари доведе до промена на мислењето.

„Континуираното руско таргетирање на критичната инфраструктура на Украина исто така беше фактор“, рече официјален претставник на американската администрација.

Предлог-законот за воена помош потпишан од Бајден му го отвора патот на Пентагон да објави пакет помош што вклучува очајно потребна артилерија и противвоздушна муниција.

Шеснаесет земји побараа итно ослободување на заложниците во Газа

илустрација
илустрација

Шеснаесет земји во заедничка изјава повикаа на итно ослободување на заложниците во Газа, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за прекин на огнот и ќе овозможи испорака на хуманитарна помош.

„Ние силно ги поддржуваме тековните посреднички напори за враќање на нашиот народ дома. Го повторуваме нашиот повик до Хамас да ги ослободи заложниците и да ни дозволи да ставиме крај на оваа криза, за да можеме заеднички да ги фокусираме нашите напори за воспоставување мир и стабилност во регионот“, се додава во заедничката изјава на Аргентина, Австрија, Бразил, Бугарија, Канада, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Тајланд, Обединетото Кралство и САД.

Во текстот се нагласува дека „договорот за ослободување на заложниците ќе доведе до итен и продолжен прекин на огнот во Газа, што ќе овозможи испорака на дополнителна неопходна хуманитарна помош да се достави низ Газа и да доведе до сигурен крај на непријателствата“ и „жителите на Газа ќе можат да се вратат во своите домови и имоти со претходно направени подготовки за обезбедување засолниште и хуманитарна помош“.

Инаку преговорите меѓу Израел и Хамас (организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) за обезбедување примирје во Газа и размена на заложници се во застој.

Катар, заедно со Соединетите Држави и Египет, е ангажиран во неколкунеделни разговори за да се обезбеди примирје во Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.

Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога според израелските податоци загинаа 1200 луѓе, а беа земени 253 заложници.

Во Брисел нова средба за употребата на српскиот динар во Косово

илустрација
илустрација

Главните преговарачи на Косово и Србија во дијалогот за нормализација на односите, денеска (25 април) ќе одржат нови средби во Брисел за да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за трансфер на финансиски средства во динари од Србија на Косово.

Ова ќе биде петта средба на главните преговарачи на двете земји за прашањето на српскиот динар, чија употреба на Косово беше забранета во февруари.

За оваа тема ќе се сретнат Бесник Бислими од Косово и Петар Петковиќ од Србија со специјалниот пратеник на Европската Унија, Мирослав Лајчак. Можни се и заеднички средби меѓу нив, доколку постои волја на страните за такво нешто.

Со новата регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), еврото од 1 февруари е назначено како единствена валута во Косово за готовински плаќања. Стапувањето на сила на оваа уредба ја налути Србија, која преку државниот буџет им испраќа финансиска помош на Србите кои живеат на Косово.

Меѓународната заедница побара од Косово да ја суспендира оваа регулатива, за да им даде време на граѓаните да се прилагодат на новата практика.

Косовските Срби во потрага по готовина поради забраната на динарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Сепак, Владата на Косово инсистираше дека тоа е независна одлука на ЦБК, а не политичка одлука.

На претходните состаноци во Брисел за ова прашање беа изнесени повеќе предлози за изнаоѓање решение според кое Србија би можела да ги исплати корисниците на финансиската помош во Косово.

Лајчак во вторникот, два дена пред денешната средба, изјави дека работи на изнаоѓање решение за ова прашање.

ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад

Појас Газа, 2024 година
Појас Газа, 2024 година

Речиси 282 милиони луѓе во 59 земји се соочија со акутен глад во 2023 година, а појасот Газа беше територијата на која минатата година најмногу луѓе страдаа од глад, се наведува во извештај на Обединетите Нации.

Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

„Конфликтите што избувнаа во последните 12 месеци доведоа до катастрофална глобална ситуација“, нагласи Гутереш.

Главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Максимо Тореро, рече дека 705 000 луѓе во пет земји се во петта фаза, највисоко ниво на скалата на глад утврдена од меѓународни експерти, што е највисока бројка откако се изготвува глобалниот извештај од 2016 година, а минатата година се зголеми за четири пати во споредба со таа почетна година.

Повеќе од 80 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад, 577 000 од нив, се во Појасот Газа, рече Тореро. Според него, илјадници луѓе се соочуваат со катастрофален глад во Јужен Судан, Буркина Фасо, Сомалија и Мали.

Според проценките на ОН, околу 1,1 милион луѓе во Појасот Газа и 79 000 во Јужен Судан ќе се соочат со екстремен глад до јули. Исто така, се истакнува дека конфликтот на Хаити ќе продолжи да влијае на несигурноста на храната во таа земја, каде вооружени банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс.

Сикорски: Рускиот напад врз НАТО би завршил со пораз на Москва

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во денешното обраќање пред Парламентот рече дека евентуалниот руски напад врз НАТО ќе заврши со пораз на Русија и дека Алијансата мора да ги зголеми инвестициите во својата одбрана.

Сикорски ги изложи приоритетите на Владата на премиерот Доналд Туск, која се обидува да покаже лидерство во Европа поради зголемените стравувања дека руската агресија нема да престане во Украина.

Сикорски изјави дека развојот и безбедноста на Полска треба да се заснова на трансатлантска соработка и европска интеграција, а го истакна и значењето на пријателството со Германија.

Тој ја обвини претходната влада на партијата Право и правда, која ја предводеше Полска од 2015 до 2023 година, дека избрала конфронтација со ЕУ.

Папата Франциск за војните во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна

Папата Франциск
Папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ги повика завојуваните страни во Украина и Газа да преговараат за мир бидејќи „договорениот мир е подобар од бескрајна војна“.

„Ги молам, земјите во војна, сите нив, прекинете ја војната. Барајте преговори, барајте мир“, рече папата во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

Папата кажа дека секојдневно е во контакт со свештениците од Газа за да ги праша за нивните искуства и дека може да помогне да се постигне мир само преку молитва.

Зборувајќи за влијанието на војната во Украина врз децата, папата додаде дека „тие деца заборавиле како да се насмевнат“.

„Многу е тешко кога детето ќе заборави да се смее. Тоа е многу сериозно“, додаде првиот човек на римокатоличката црква.

Украина останува цврста да не се ангажира директно со Русија на мировните разговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати рече дека иницијативата во мировните преговори мора да и припадне на земјата која е нападната.

Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Русија објави договор за размена на деца со Украина

Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова
Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова

На 24 април, руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова објави договор со Украина за размена на речиси 50 деца раселени поради инвазијата на Москва, но украински функционер одби да го потврди договорот.

Марија Лвова-Белова најави дека 29 деца треба да заминат во Украина, а 19 во Русија. Таа рече дека договорот е постигнат во „разговорите со украинската страна“ во Доха.

Меѓутоа, додека руските и украинските официјални лица се сретнаа со катарските посредници, украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец за АФП изјави дека „не може да ја потврди информацијата“.

Украинскиот функционер додаде дека двете земји „немаат директна комуникација за овој случај“.

Според официјалните податоци на украинските власти, до крајот на минатата година од Украина во Русија биле однесени најмалку 19 546 деца. Бројката се однесува само на оние случаи кои се официјално евидентирани, а се верува дека вистинската бројка е значително поголема.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, вратени се само 517 деца.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, минатиот март издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, комесарка на Москва за правата на децата, под обвинение за воени злосторства поврзани со илегалната депортација на украинските деца, заедно со илегалното префрлање луѓе во Русија од Украина од нејзината инвазија во февруари 2022 година.

МКС објави дека Путин и Лвова-Белова се обвинети дека „вршиле дела директно, заедно со други и/или преку други“.

МКС објави дека Путин „не спроведувал соодветна контрола над цивилните и воените подредени кои извршиле дејствија или дозволиле нивно извршување и кои биле под негова ефективна власт и контрола, во согласност со одговорноста на претпоставениот“.

Кремљ ги отфрли обвинувањата за присилна депортација. Руските власти тврдат дека ги „спасиле децата“ од воените дејствија и се подготвени да ги вратат оние што ги бараат нивните родители и старатели.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG