Достапни линкови

Твитер се надева дека наскоро повторно ќе биде достапен во Турција


Социјалната мрежа Твитер денеска соопшти дека очекува наскоро да биде обновен пристапот до нејзините услуги во Турција.

„Ние ги поддржуваме нашите корисници во Турција, кои сметаат на Твитер како на важна комуникациска платформа. Се надеваме дека многу брзо ќе биде обновен целосниот пристап“, соопшти вчера компанијата.

И САД го критикуваат обидот на турската влада да го забрани Твитер. Портпаролката на Стејт департментот, Џен Псаки, изјави дека турските постапки се спротивни на „сопствената турска желба да се придржува кон највисоките демократски стандарди“.
Турскиот суд завчера вечерта го ограничи пристапот до Твитер, само неколку часа откако премиерот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ја „искорени“ социјалната мрежа.

Многу корисници, кои вчера се обиделе да се логираат на Твитер во Турција, се соочиле со соопштение на телекомуникациските власти во кое се наведува дека сајтот е блокиран по судска наредба.

Ердоган, на завчерашниот предизборен митинг во Бурса, десет дена пред локалните избори на 30 март, вети дека ќе го затвори Твитер. Неговата закана следеше само две недели откако најави дека ќе ги забрани и Фејсбук и ЈуТјуб, „доколку е неопходно“.

Во последните неколку недели на интернет беа објавени снимки на телефонски разговори, вклучително и таа на која премиерот на неговиот син му кажува како од домот да изнесе поголема сума пари на денот на полициската операција на 17 декември, со која во земјата почна големата истрага за корупција.
XS
SM
MD
LG