Достапни линкови

Изборите го зголемуваат притисокот врз стопанството


Изборите може да го зголемат државниот притисок врз стопанството, а кон странските инвеститори се испраќа порака дека политичката клима во земјава е нестабилна. Проблем е што во буџетот не беа предвидени пари за парламентарни избори.

Постои ризик претстојните избори да го зголемат државниот притисок врз стопанството, а кон странските инвеститори се испраќа порака дека политичката клима во земјава е нестабилна, велат дел од стопанствениците и економистите.
Ние се плашиме да не дојде до кратење на одредени позиции од буџетските средства. Секогаш биле напаѓани токму оние што ние најмалку сакаме да се напаѓаат, а тоа се капиталните инвестиции.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, во неделното интервју за Радио Слободна Европа, вели дека проблемот е во тоа што парламентарните избори не биле планирани во буџетската година.

„Затоа што од една страна имаме разни предизборни понуди од страна на актуелните власти коишто природно го користат тоа како начин, како џокер, почнувајќи од субвенциите коишто слушаме дека пред време ги добиваат одредени категории што бараат субвенции. Од друга страна покачување на разни категории на социјални давачки за одредени категории луѓе што веројатно ги исполнуваат условите за такво нешто, значи максимално се користат како да сме Норвешка“, вели тој.
Наредниот месец повторно ќе го преоцениме тоа и ако оцениме во некој момент дека има потреба од преземање мерки секако дека ќе преземеме, но оние основни цели, задржување на ценовната стабилност, задржување на стабилноста на банкарскиот сектор ќе бидат остварени.

Со овие расходи постои можност да се создаде дупка во народната каса која би требала да се пополни од бруто порастот во земјава но тоа не може да се случи преку ноќ, додава Кучи.

„Во другиот случај ние се плашиме да не дојде до кратење на одредени позиции од буџетските средства. Секогаш биле напаѓани токму оние што ние најмалку сакаме да се напаѓаат, а тоа се капиталните инвестиции. Ние би биле среќни да не се чепкаат овие средства одвоени за капитални инвестиции затоа што тие значат многу за БДП-то. Од друга страна, досегашното искуство покажува дека навистина после изборите има зачестени контроли“, вели Кучи.

Во годинашниот буџет беа предвидени само претседателските избори, а не и парламентарните што веднаш укажува на потреба од ребаланс, вели економскиот аналитичар Висар Адеми. Тука се и ветувањата за поголеми бенефиции или зголемување на бројот на буџетски корисници кои треба да се платат од некаде, објаснува Адеми и додава:

„Ако тука се земе и нефинансискиот ефект на странските директни инвестиции коишто имале намера да инвестираат во Македонија, но кога веќе немаат со кого да преговараат и нестабилни институции и мислам дека тоа ја заокружува таа слика на, да кажеме, губење на таа конкурентна позиција на Македонија“, вели Адеми.

Гувернерот Димитар Богов, од друга страна изјави дека не се очекуваат поголеми економски потреси во периодов, поточно дека засега не гледа потреба за преземање на некакви мерки бидејќи централната банка секој месец ја преоценува економската состојба и движењата и предвидувањата за наредниот период.

„Наредниот месец повторно ќе го преоцениме тоа и ако оцениме во некој момент дека има потреба од преземање мерки секако дека ќе преземеме, но оние основни цели, задржување на ценовната стабилност, задржување на стабилноста на банкарскиот сектор ќе бидат остварени“, рече Богов.

Кон ова вреди да се спомене и дека Министерството за финансии соопшти дека во првите месец и половина од оваа година, владата потрошила 141,5 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки.
XS
SM
MD
LG