Достапни линкови

Запоставена борбата против корупцијата во Македонија


Борбата против корупцијата во Македонија е запоставена во последните години, a проблемот е во слабоста на системот, се вели во извештајот за актуелните состојби и корупциските предизвици во земјите од Југоисточна Европа.

Борбата против корупцијата во Македонија е запоставена во последните години, a проблемот е во слабоста на системот, се вели во извештајот за актуелните состојби и корупциските предизвици во земјите од Југоисточна Европа. На институциите им недостасува независност во нивното функционирање, а извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија од 2007 до 2012 го нагласува проблемот на имплементација на постоечките закони. Друг проблем е неадекватното прибирање на податоци и нивното споредување меѓу надлежните тела.
Мнозинството од граѓаните верува дека по невработеноста и сиромаштијата, корупцијата е еден од најголемите социјални проблеми во земјата.

Според извештајот, постои и недостиг од анализа за корупцијата и начин како да се справи земјата со неа, а потребен е поактивен и координиран пристап од органите за супервизија и за спроведување. Нотирано е и дека постои недостиг од човечки и финансиски ресурси, а капацитетот на некои од надлежните тела е проблематичен. Недостигот на довербата во независноста и непристрасноста на антикорупциска е исто така нотирано како проблем кој постои со години.

Досега, и покрај неколку обиди, потенцијалот на граѓанските организации во Македонија не е целосно искористен како инструмент за зајакнување на барањата на граѓаните за поправедно општество без корупција.
„Мнозинството од граѓаните верува дека по невработеноста и сиромаштијата, корупцијата е еден од најголемите социјални проблеми во земјата. Недостигот на длабока анализа на државата за аферите, ниското ниво на доверба во јавните институции, особено оние кои се занимаваат со корупција. Недостигот на транспарентност и слабата имплементација на законите се главните предизвици во борбата со корупцијата“, се вели во извештајот.

Македонија, како што е наведено, има слаб антикорупциски систем, особено Државната комисија за спречување на корупција, на која ѝ недостасува независност и непристрасност во донесувањето одлуки, додека, пак, невладините организации имаат слаб капацитет.

„Досега, и покрај неколку обиди, потенцијалот на граѓанските организации во Македонија не е целосно искористен како инструмент за зајакнување на барањата на граѓаните за поправедно општество без корупција кое се карактеризира со еднаква дистрибуција на моќ, отчетност и транспарентност. Постојат многу малку организации кои во суштина се занимаваат со прашањето на корупцијата, особено во подигање на свеста на граѓаните да го препознаат феноменот “, е наведено во извештајот.

Во него се порачува дека владата не ја признава работата на невладините, како и тоа дека тие во иднина ќе се соочат со многу предизвици, при што треба да создадат сопствена платформа во борбата против корупцијата. Извештајот е направен од страна на мрежата СЕЛДИ, а во неговото изготвување учествувале партнерски организации од целиот Балкан. Од Македонија учество земале МЦМС, Институтот за демократија и Охрид Институтот за меѓународни и економски стратегии.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG