Достапни линкови

logo-print

Ѓорге Иванов - ВМРО-ДПМНЕ


Ѓорге Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година. По завршувањето на основното и средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј" во Скопје.

За време на студиите, започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации. Во 1988 година почнува неговата седумгодишна новинарска кариера во Македонската радио-телевизија, каде што напредувал до позицијата уредник во Третата програма. Како професор на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје, Иванов работеше на претставување нови научни погледи на политиката меѓу своите студенти, на кои им предава политичка теорија и политичка филозофија. Во 1999 година е именуван за визитинг-професор на Програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина, Грција. Како професор престојувал и држел предавања на повеќе странски универзитети и учествувал во меѓународни проекти. Бил раководител на политичките студии и продекан на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје.

Ѓорге Иванов е водечки експерт во полето на цивилното општество и меѓу првите воведува систематско проучување на оваа проблематика во македонската академска заедница. Бил консултант на врвни аналитички и истражувачки центри. Иванов е меѓу коосновачите на првото македонско списание за политичка наука – „Политичка мисла“. Тој е основач и на првата политолошка струкова асоцијација во независна Македонија. Иванов е и еден од основачите на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество. Иако никогаш не бил партиски член, професор Ѓорге Иванов беше активен во формулирањето на реформската програма на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која го номинира за претседателски кандидат на изборите во 2009 година.

Иванов во моментот ја извршува функцијата Претседател на Македонија. Во својот мандат тој стана препознатлив по Школата за млади лидери - низ која со нови знаења, искуства и вештини се стекнаа преку 150 млади луѓе. Со својот ангажман привлече преку 100 најреномирани универзитетски професори, државници и експерти како предавачи на Школата.

Претседателот Иванов е оженет и има еден син.
XS
SM
MD
LG