Достапни линкови

Вардар и Металург најавуваат победи


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Во осминафиналните пресметки, двата најдобри македонски ракоменти клуба влегуваат како аутсајдери на хартија, но се надеваат дека може да изненадат.

Со респект за противниците, но и подготвени за нов подвиг на врвната сцена, двата најдобри македонски ракометни клуба, Вардар и Металург, го очекуваат претстојниот викенд, во кој, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе ги одиграат првите осминафинални дуели од Лигата на шампионите. Прво в сабота (од 18 часот) црвено - црните ќе се сретнат со германскиот Хамбург, а наредниот ден (од 16.55 ч.) клубот од Автокоманда ќе ги одмери силите со данскиот Колдинг.

Добро знаеме против кого играме, Хамбург е актуелен европски првак. Но, ние никако нема да се предадеме. Ќе се бориме пред нашата публика која е феноменална оваа година.
Стојанче Стоилов, ракометар.
Лино Червар, тренер на ракометниот клуб Металург.
Лино Червар, тренер на ракометниот клуб Металург.
Во двете пресметки нашите адути влегуваат како аутсајдери на хартија, што особено се однесува на вардарци, кои ќе се соочат со актуелниот освојувач на елитното натпреварување и неговите ѕвезди - најдобриот ракометар во светот Дувњак, Линдберг, Канељас, Лацковиќ... Овој состав е фаворит и против многу пореномирани клубови, вели пикерот Стојанче Стоилов. Сепак, тој верува дека Вардар има адути за со предност да отпатува на реваншот во Германија на 30-ти март.

Доколку сакаме да имаме добар резултат во недела, треба и нормално да дадеме лесни голови преку крилата, на полуконтри и контри. Тоа доста би ни ја олеснило задачата.
Филип Миркуловски, ракометар.
„Добро знаеме против кого играме, Хамбург е актуелен европски првак. Но, ние никако нема да се предадеме. Ќе се бориме пред нашата публика која е феноменална оваа година. Тоа ни е наш најголем адут дома да победиме. Ако играме цврста одбрана како што знаеме, голманите да фатат нешто повеќе, мислам дека имаме реални шанси да победиме со каква било разлика, па после на реваншот да се браниме“, рече Стоилов.

Голема борба ветуваат и „металурзите“. Тие против себе ќе ги имаат познатите Спелеберг, Торстен, Рокас, Хвид... Но, и ланскиот четвртфиналист, кому ова му е трет едноподруго настап во Топ 16 од ЛШ, има квалитетен тим. Тренерот Червар нема да смета само на одамна повредениот Наумче Мојсоски, но и без него „можеме да победиме со 5 гола разлика“, оптимист е бекот Филип Миркуловски, според кого, за исполнување на таа желба покрај цврстата одбрана и голманот Станиќ, мора да профункционира и нападот.

„Доколку сакаме да имаме добар резултат во недела, треба и нормално да дадеме лесни голови преку крилата, на полуконтри и контри. Тоа доста би ни ја олеснило задачата. Сепак, знаеме дека во нападот малку повеќе се мачиме. Но, ете Вугринец се враќа, Атман се враќа, ќе бидеме поразновидни отколку во дуелот со Барселона, ќе имаме повеќе играчи во нападот, така што имаме добри шанси со Колдинг“, истакна Миркуловски.

Претходно кажаното, дополнително ја зголемува ракометната еуфорија која е присутна во Скопје. Потврда за тоа е фактот што веќе се распродадени билетите за двата меча, во кои, според љубителите на спортот, и Вардар и Металург ќе докажат дека имаат квалитет за влез во Топ 8 на Стариот континент.

„Па мислам дека имаат, затоа што се доста добри клубови. Имаме ние квалитетни играчи, сега колку ќе го остават срцето на теренот ќе видиме.“

„Домашна атмосфера е, нормално очекуваме победа.“

„Би требало да победат и двата тима.“

„Вардар ќе победи, ќе победи и Металург. Во салата Борис Трајковски ретко кој победил од гостински екипи.“

„Се надевам и двете екипи да одат понатаму. Кога има спонзор, кога има добри играчи, би требало да биде сè ОК“, изјавија анкетираните граѓани.
XS
SM
MD
LG