Достапни линкови

Се зголемуваат тензиите меѓу Западот и Русија


САД, ЕУ и НАТО со осуда на руската анексија на Крим и со најава за нови санкции против Москва. Путин изјави дека санкциите ќе ги смета за акт на агресија.

Соединетите Држави и НАТО сојузниците ја осудија руската анексија на Крим, оценувајки дека станува збор за кршење на меѓународното право и ја предупредија Москва дека ќе се соочи со нови санкции.

До ваквата реакција дојде веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин и лидерите на Крим, во Москва потпишаа договор за приклучување на Крим и Севастопол кон Руската федерација.

Денеска врз основа на резулатите од референдумот на Крим, врз основа на волјата на народот, му предлагам на Советот на федерацијата да разгледа закон за прифаќање на два региона во Руската Федерација, Република Крим и градот Севастопол.
Американскиот потпретседател Џо Бајден, кој е во посета на Полска, изјави дека политичката и економската изолација на Русија ќе се продлабочува, додавајќи дека руската анексија на Крим не е ништо друго освен грабање на територија. Бајден најави дека американската администрација ќе работи на зајакнување на НАТО со цел да и се спротистави на руската агресија.

И полскиот премиер Доналд Туск изјави дека меѓународната заедница нема да ја прифати анексијата на Крим од страна на Русија, што, според него, е провокација за целиот свет.

И другите европски лидери, како германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, оценија дека Русија го крши меѓународното право и најавија мерки против Москва.

Имено, рускиот претседател Владимир Путин на денешната заедничка седница на двата дома на парламентот во Москва изјави дека Русија не сака распаѓање на Украина, но оти Крим мора да биде дел од Русија.

„Денеска врз основа на резулатите од референдумот на Крим, врз основа на волјата на народот, му предлагам на Советот на федерацијата да разгледа закон за прифаќање на два региона во Руската Федерација, Република Крим и градот Севастопол“, рече Путин.

Тој наведе дека Русија ги почитува сите етнички групи на Крим и оти таму ќе има три еднакви јазици, рускиот, украинскиот и на кримските Татари. Тој додаде дека Крим ќе биде дом на оние што се векови живееле таму.

Путин оцени дека Крим го потврди своето право на самоопределување и ситуацијата ја спореди со онаа на Косово.

Путин рече дека ситуацијата во Укрина ја рефлектира меѓународната нестабилност во изминативе години.

Според Путин, американската надворешна политика била диктирана од правото на посилниот, наведувајќи дека Западот ја минал линијата околу Украина и дејствувал непрофесионално и неодговорно.

Владимир Путин оцени дека западните обиди за застрашување на Русија со санкции ќе бидат сметани за акт на агресија и оти Москва ќе одговори.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG