Достапни линкови

Обама: Референдумот на Крим нема да биде признат никогаш


Американскиот претседател Барак Обама му порача на рускиот претседател Владимир Путин дека резултатот од референдумот за отцепување на Крим од Украина никогаш нема да биде признат од меѓународната заедница. Според податоците, над 95 насто од гласачите го поддржаа придружувањето на Крим кон Русија.

Американскиот претседател Барак Обама му пренесол на неговиот руски колега Владимир Путин дека Соединетите Држави и Европската унија се подготвени да воведат дополнителни мерки поради руското нарушување на украинскиот суверенитет.
Јасно е дека однесувањето на Русија досега беше целосно неприфатливо. Би сторил се да ги спречам санкциите, бидејќи верувам дека од нив сите ќе страдаат. Но, единствено кој може да ги спречи е Русија.
Франс Тимерманс, шеф на холандската дипломатија.

Според официјална Москва, пак, Путин му кажал на Обама дека референдумот бил легитимен и изразил загриженост поради тоа што украинската влада не успеала да го спречи насилството против Русите во таа земја.

Претставници во Вашингтон и Брисел претходно најавија дека би можело да забранат визи и да замзрзнат руски имоти како дел од санкциите.

Шефот на холандската дипломатија Франс Тимерманс пред денешната седница на шефовите на дипломатиите на Европската унија изјави дека санкциите може да ги спречи единствено Русија.

Никој не може да ни ја земе оваа победа. Одиме во Русија. Честитки до сите.
Сергеј Аксионов, проруски лидер на Крим.
„Јасно е дека однесувањето на Русија досега беше целосно неприфатливо. Би сторил се да ги спречам санкциите, бидејќи верувам дека од нив сите ќе страдаат. Но, единствено кој може да ги спречи е Русија“, рече Тимерманс.

Во меѓувреме, во кримскиот главен град Симферопол, во текот на ноќата се славело.

„Го направивме тоа заедно блогодарение на вашето херојство, вашата поддршка, благодарение на поддршката на Русија, рускиот народ и претседателот Путин. И никој не може да ни ја земе оваа победа. Одиме во Русија. Честитки до сите“, им порача на насобраните прорускиот лидер Сергеј Аксионов, додавајќи дека делегација на кримскиот парламент ќе оди во Москва за да разговара за чекорите за приклучување кон Русија.

Привремениот украински претседател Олександар Турчинов изјави дека резултатите била испланирани во Кремљ како правна основа за испраќање руски сили на Крим.

Шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг гласањето го нарече подбивање со демократијата, додека официјален Париз смета дека референдумот бил спроведен под закана на руски окупациски сили.

Претседателот на комисијата за рефендумот Михаило Малишев изјави дека не биле добиени никакви забелешки за нарушување на гласањето. Но, некои новински агенции јавија дека на новните новинари и сниматели им било забрането да влезат на избирачките места.

На гласањето беа присутни странски посматрачи, иако ОБСЕ соопшти дека нема да го следи, бидејќи не била официјално поканета од украинската национална влада. Официјален Киев гласањето го оцени како циркус режиран од Москва.

„Заедно со нашите западни партнери ќе сториме се што е можно да обезбедиме да одговориме на ваквиот чин на сепаратизам и кршење на уставниот поредок“, изјави украинскиот премиер Арсениј Јацењук.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG