Достапни линкови

Ги заборави ли Битола своите праведници?!


При чествувањата на депортацијата на битолските Евреи, за жал со години никој ги споменува „Праведните меѓу народите“ - тројца битолчани што си ги жртвувале животите за да спасат Евреи.

При чествувањата на депортацијата на битолските Евреи, за жал со години никој не се сетил да ги спомене „Праведните меѓу народите“, реагира еден од нивните потомци, Владимир Алтипармак.
Луѓето кои ги жртвуваа своите животи и животите на своите најблиски да спасат прогонети Евреи. Тоа се Борис и Васка Алтипармак и Богоја Силјановски, одликувани од Јад Васем.

Ова високо признание Израел од одамна им го имал доделено на тројца битолчани кои во судбоносните мигови успеале да спасат неколкумина битолски Евреи од депортацијата. Имињата на тие хумани луѓе се изгравирани на почесниот ѕид во „Градината на праведниците“ во меморијалниот центар „Јад Васем“ во Ерусалим. Над имињата на македонските праведници е изгравирано уставното име на нашата држава на хебрејски, англиски јазик и на кирилица.

Праведниците денес се покојни, а градот како да ги заборави нивните дела, вели Алтипармак.

Секоја идеја која ќе дојде од Еврејската заедница или од останатите за нас е добредојдена.
„Луѓето кои ги жртвуваа своите животи и животите на своите најблиски да спасат прогонети Евреи. Тоа се Борис и Васка Алтипармак и Богоја Силјановски, одликувани од Јад Васем. И денес Јад Васем е свето место во израелската држава. Нема делегација, а да не го посети. За жал, некој не само што не го сфатил сето тоа и напротив погрешно го толкувале“, вели Алтипармак.

Веќе неколку години не работи ни галерискиот простор што тој го имал отворено во битолската чаршија, а во кој биле изложени многу оригинални историски документи и фотографии од битолските Евреи. Алтипармак се пожали дека од ниедна релевантна институција не добил поддршка во одржувањето на галеријата.

„Таму се истакнуваше Битола, Македонија во најубава смисла. Луѓето не веруваа дека во Битола ќе наидат на такво место. Наместо да ги напуштиме аномалиите од поранешниот систем, истите продолжуваат кај нас, индивидуалните дострели целосно се маргинализираат. Во бившиот систем имавме една партија, ако некој нешто знаеше и го биваше, тоа е некој од партијата, друг не можеше, за жал истата судбина го затекна и овој проект. Во објектот имаше многу реална историја. Во неколку пати сум го предлагал како проект, но не сум добивал одговор“, додава Алтипармак.

Градоначалникот Владимир Талески со одговор:

„Секоја идеја која ќе дојде од Еврејската заедница или од останатите за нас е добредојдена. Слушнавте и приватни иницијативи за кои луѓето имаат своја замисла, доколку е тоа прифатливо од сите страни, како општина сме подготвени да го поддржиме, сè доколку е во чест и славење на она што е позитивно и е вградено во историјата на нашиот град“, рече градоначалникот.

Во 1943 година од Битола се депортирани над 3.200, односно половина од вкупната бројка на македонски Евреи. Малкумина од нив успеале да ја избегнат смртта.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG