Достапни линкови

Декриминализацијата не ги реши проблемите во медиумите


Законот за декриминализацијата на клевета и навреда, наместо да ги решат проблемите во медиумите, негативно влијаат врз слободата на изразувањето и поттикнува самоцензура.

Со декриминализација на клеветата и навредата требаше да се решат многу проблеми во сферата на медиумите, меѓутоа искуството покажува дека ова законско решение има многу слабости кои може негативно да влијаат врз слободата на изразувањето, како и да поттикнат самоцензура. Ова се наведува во анализата на законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета што ја направи Центарот за развој на медиуми во рамки на програмата на УСАИД.
Носителите на јавни функции треба да имаат поголем праг на толеранција во однос на навреда и клевета, кај нас е сосема спротивно.
Владимир Медарски, Центар за развој на медиуми.

Иако глобите кои се изрекуваат се во согласност со законската рамка тие се многу високи и доведуваат до еден вид цензура, а помалите медиуми и порталите казните не ќе може да ги издржат и ќе значат нивно затворање, изјави Владимир Медарски од Центарот за развој на медиуми.

„Казните се многу високи, особено во случаите кадешто се јавуваат функционери од власта, исто така во овој период утврдивме и тоа дека судот не го почитува принципот на праксата од Стразбур, во кој што се вели дека носителите на јавни функции треба да имаат поголем праг на толеранција во однос на навреда и клевета, кај нас е сосема спротивно.“
Но најголем проблем во Македонија и кај македонското судство е кога ве тужат високи функционери на власта, тоа значи дека немате шанси да добиете позитивен исход во ваша полза.
Јадранка Косотова, Фокус.


Како слабости во законот се наведуваат и високите трошоци кои за разлика од кривичната постапка порано, денес се многу повисоки и изнесуваат до 96 илјади денари за жалба, рече Медарски.

Јадранка Костова, главниот уредник на неделникот Фокус, , весник што неколкупати се соочува со тужби, рече дека изрекувањето толку високи казни за сопствениците на помалите медиуми е убиствено. Тие суми, што за нас живот значат, за тужителите кои се високи функционери во власта не значат ништо, дополни таа.

„Но најголем проблем во Македонија и кај македонското судство е кога ве тужат високи функционери на власта, тоа значи дека немате шанси да добиете позитивен исход во ваша полза. Несреќата на Фокус е што како тужители ни се јавуваат такви високи функционери од власта и во овој случај мислам дека и се покајавме што ја поднесовме жалбата на пресудата што ја добивме во случајот кога тужител е господинот Сашо Мијалков, затоа што судската такса за жалбата е 96 илјади денари“, вели Костова.

Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани,проблемот е во несоодветната примена на законот,а не високите надоместоци.

„За мене навистина и денар е висока казна, ако навистина нема клевета, ако нема клевета тужбата треба да се одбие, а не да се оди понатаму и да се утврдува надомест за штета.“

Новинарот и уредник на Слободен печат, Бранко Героски, рече дека најголемата слабост на законот е што е репресивен и оти води до уништување на медиумите со казнената политика која е драконска и во одредени случаи изнесува 10 илјади евра.

„Нема дилема казната од 10 илјади евра или вкупно 27 илјади евра е апсолутно драконска и бесмислена и вие не можете да очекувате и пресудите да бидат поинакви, затоа што законот тоа го овозможува и зависи од политичкиот притисок од судот и такви ќе бидат и пресудите.“

Според Героски потребно е новинарските здруженија во иднина да се обидат да повлијаат и да се бара казнената политика да не е повисока од 10 проценти од она што сега го пишува во законот.
Досега пред судовите се поднесени околу 260 предмети за клевета и навреда. На дебатата за декриминализацијата на клеветата беа поканети и претставници од Граѓанскиот суд, но никој не дојде.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG