Достапни линкови

logo-print

САД и Германија во одбрана на суверенитетот на Украина


Американскиот претседател Барак Обама и германскиот канцелар Ангела Меркел најостро се спротивставија на кршењето на територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина. Ова, според аналитичарите, е последен повик за спречување на референдумот на Крим што би можело да води до руска анексија на овој украински регион.

Претседателот Барак Обама на разговорот во Вашингтон со украинскиот премиер Арсениј Јацењук изрази надеж дека со дипломатски напори, сепак, во последен момент би можело да се спречи референдумот за иднината на Крим.
Тој додаде дека доколку рефрендумот се одржи, тогаш Соединетите држави во целост ќе го отфрлат неговиот резултат.

Во таков случај, според Обама, меѓународната заедница ќе биде принудена да ја каже цената за руското кршење на меѓународните договори.
Ако Русија продолжи на курсот од изминативе недели, тоа нема да биде катастрофа само за Украина. Под закана ќе бидат и другите соседи на Русија. Тоа нема само да ги смени односите на Европската унија со Русија, туку ќе предизвика огромна штета за Русија.

„Бевме многу јасни дека сметаме оти рускиот упад во Крим, излегување од базите, е кршење на меѓународното право и на меѓународните договори чиј потписник е и Русија, како и нарушување на територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.“

Обама изрази увереност дека меѓународната заедница цврсто ќе застане во поддршка на украинската влада.

Украинскиот премиер Јацењук оцени дека Русија мора да прифати оти неговата земја може да има добри односи и со неа и со Западот.

Тој додаде дека Киев е подготвен на разговори со Москва, но оти никогаш нема да се предаде во борбата за заштита на украинскиот суверенитет.

„Станува збор за слобода. Ние се бориме за наша слобода, се бориме за наша независност и за нашиот суверенитет од што никогаш нема да се откажаме“, изјави Јацењук кој во Вашингтон имаше средба и со американскиот државен секретар Џон Кери.

Кери в петок заминува за Лондон на средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров како последен обид да се најде решение и да се спречи најавениот референдум за Крим.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Бундестагот изјави дека Русија ја користи слабоста на Украина, наместо да дејствува како партнер на стабилност.

Според неа, Русија ризикува огромна политичка и економска штета доколку не го смени курсот во врска со Украина.

„Ако Русија продолжи на курсот од изминативе недели, тоа нема да биде катастрофа само за Украина. Под закана ќе бидат и другите соседи на Русија. Тоа нема само да ги смени односите на Европската унија со Русија, туку ќе предизвика огромна штета за Русија, економска и политичка.“

Меркел најави дека Европската унија наредната недела би можело да воведе извесни санкции врз руски и украински претставници доколку пропаднат напорите за дипломатско решение на проблемот.

„Пред една недела рековме дека ако нема да биде постигнат успех тогаш ние ќе разгледаме втора фаза на санкции. Минаа шест дена од тогаш и мора да признаеме и покрај тоа што ги продолжуваме нашите напори за формирање контакт група, дека немаме постигнато прогрес.“

Меркел најави дека политичкиот дел од клучниот договор за потесни врски меѓу Украина и Европската унија би можело да биде потпишан на следниот самит на Европската унија на 20 и 21 март.

Тој договор меѓу Киев и Брисел што се подготвуваше пет години предвидува помош за политичка и економска модернизација на Украина, но неговата реализација вклучува реструктуирање на стопанството во замена за европски инвестиции.

Одбивањето на претседателот Виктор Јанукович да го парафира овој договор во ноември минатата година предизвика масовни протести кои доведоа до уривање на неговиот режим и до крвопролевање во Киев во кое загинаа над сто луѓе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG