Достапни линкови

Чекајќи ја Црната кутија


Денови по исчезнувањето на авионот на Малезија Ерлајнс, истражните органи разгледуваат разни можни причини: од механички дефект, пилотска грешка, до тероризам. Сепак тие се уште немаат солидни траги. Тие дури не знаат каде исчезнал авионот што сугерира дека за ожалостените семејства оваа несреќа би можело да остане мистерија се до откривањето на црната кутија.

Црните кутии, кои всушност вообичаено се со светло портокалова боја, содржат податоци за летот и се неопходни при авионските несреќи. Но, вреди да се постави прашањето, зошто во оваа ера на брза безжична комуникација, истражителите мора да бараат физички објект што е во авионот. Зошто податоците од црните кутии да не бидат пренесувани во вистинско време? Такви технологии постојат.

Според весникот Вол Стрит Џурнал, неколку стотици авиони во светот веќе се опремени за жив пренос на податоци преку сатилит, со што се спречува агонизирачкото чекање на одговори во случај на несреќа.

Таквите чекања можат да бидат и многу долги. Кога авион на Ер франс се урна на Атлатикот во 2009 година беа потребни две години да се открие црната кутија.
На оние што ја испитуваа несреќата со францускиот авион им требаа три години за да дојдат до заклучоци. А, тоа беше единствено можно откако по две години трагање беше откриена црната кутија.

Авиокомпаниите не ја прифаќаат новата технологија од две основни причини: реткоста на авионските несреќи и трошоците за опремување на авионите и за дополнителни сателити.

Црните кутии можеби се поограничени, но можат да соберат огромен број податоци и тоа за малку пари.

Сепак, новите подобрувања се пожелни, а и помалку ќе чинат ако се имаат предвид масовните потраги како например оваа со малезискиот авион.

Над 30 авиони и 40 бродови од десетина земји учествуваа во барањето во водите меѓу Малезија и Виетнам.

„Јасно е дека ова е уште една мистерија, што е многу вознемирувачко и откако ќе откриеме каде е авионот би имале можност да направиме некои форензички анализи кои ќе нè водат во вистинската насока“, изјави директорот на ЦИА Џон Бренан.

Засега никој не знае што навистина се случило.

Авионите од типот Боинг 777 имаат одлични безбедносни оценки, а Малезија Ерлјанс солидна репутација.

Немањето повик од авионот дека нешто не е во ред сугерира дека се случило нешто на голема височина: дефект или експлозија. Во таков случај малите делчиња од авионот тешко се гледаат во морето.

Откривањето дека двајца патници летале со украдени пасоши дава многу причини за шпекулирање, но ваквиот начин на патување не го користат само терористи, туку и илегални имигранти или шверцери на дрога.

Малезија ерлјанс соопшти дека сиот багаж бил добро проверен пред да биде внесен во авионот. Како можна причина за несреќата се исклучува лошото време. Шпекулациите одат и до тоа дека пилотот доживел срцев напад или се самоубил.
Она што посебно разочарува е тоа што не е јасно кога и дали воопшто ќе се откријат повеќе информации кои би воделе до поцелосна слика за она што се случило.

На оние што ја испитуваа несреќата со францускиот авион им требаа три години за да дојдат до заклучоци. А, тоа беше единствено можно откако по две години трагање беше откриена црната кутија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG