Достапни линкови

Касиопеја Наумовска: Човечката емоција – главна инспирација


Деветнаесет слики масло на платно, селектирани од циклусите „Раце и лице“ и „Барајќи одговор“, од Касиопеја Наумовска, една од највпечатливите наши уметници од поновата генерација, на 13 март ќе и бидат претставени на ликовната публика на изложбата што ќе биде отворена во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. Ова е нејзино прво претставување во бугарската метропола.

По само неколку месеци од заедничкото претставување со Симонида Филипова Китановска во берлинскиот „Прима центар“, делата на Касиопеја Наумовска, една од највпечатливите современи македонски сликарки, ќе ги види и бугарската ликовна публика. Уметницата во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија ќе претстави 19 слики масло на платно, настанати во последниве неколку години и селектирани од нејзините последни два творечки циклуса - „Раце и лице“ и „Барајќи одговор“.
Одговорноста, пред сè, е многу голема бидејќи за прв пат се претставувам во една нова средина каде што преку моите слики ќе се валоризира фактички целиот труд наназад.

Касиопеја Наумовска.

Касиопеја Наумовска.

„Одговорноста, пред сè, е многу голема бидејќи за прв пат се претставувам во една нова средина каде што преку моите слики ќе се валоризира фактички целиот труд наназад. Она што сум сакала, сум го вложила и во кое сум сметала дека сум дала голем дел од себе - од разбирањето кон моето творештво и градењето на личниот печат“, истакнува уметницата во пресрет на својата нова самостојна постановка.

Говорејќи за актуелниот одбир за изложбата во Софија, Наумовска вели дека тој некако се наметнал сам по себе и дека неа едноставно ја окупирал начинот на самата постапка при реализацијата на делото.
Тргнувам од сопствените емоции. Тие се истите кои што секој од нас ги доживува, без разлика дали се поврзани со тага, среќа, радост, тајни.

„Тоа се монохромни дела. Сакав да изгледаат како два циклуса бидејќи се работени во едно исто темпо, еден иста начин и пристап. Делата се од 2012, 2013 и 2014 година и се селектирани како заокружување на едно мое 20-годишно творештво“, вели таа.

Ова беше еден циклус кој што ме преокупираше подолго време. Мислам дека го затворив, што не значи дека можеби пак нема да се навратам и да го работам истиот мотив.
Родена 1968 година, Касиопеја Наумовска дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Таа зад себе има над 25 самостојни и повеќе од 100 групни и меѓународни изложби. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и добитничка на повеќе значајни награди и признанија, а за нејзиното творештво се вели „дека го одликува играта со формите на границата меѓу фигуративното и апстрактното, при што таа создава моќен ликовен израз во кој се испреплетуваат мотивите од секојдневието со оние од нејзината фантазија“. Сепак, она што е најсуштествено кај Наумовска се врутоците од емоции кои бликаат од платната и никого не оставаат рамнодушен. Од таму, нималку не чуди кога таа вели дека токму во емоцијата се чувствува најкомотно.

„Тргнувам од сопствените емоции. Тие се истите кои што секој од нас ги доживува, без разлика дали се поврзани со тага, среќа, радост, тајни. Некако најлесно можам да се снајдам во ова. Сепак не кажувам дека нема да насликам можеби мртва природа или некој пејзаж понатака кој што повторно ќе носи некој човечки елемент на чувства. Да, ме провоцираат емоциите долго време бидејќи студенилото што се чувствува токму во овој транзиционен начин на живеење остава последици, посебно кај младите генерации. Ова е мојот начин јас да реагирам. Тука е реакцијата. Преку творештвото, преку прикажувањето токму на тие емоции. Сакам дури и гледачот, публиката да го насети тоа преку начинот на изработката. Преку линијата што вибрира, што пулсира, што дава еден крвоток на делото. Да може гледачот да го почувствува истиот тој момент што сум го чувствувала јас во начинот на создавањето на делото“, вели Наумовска.

Но, уметницата знае да дополни дека „истражувањето секојпат постоело и дека мора да постои и не само заради квалитетот на творбата во ликовното дело, туку и за развивањето на самиот автор како уметник и неговото творештво“.

„Ова беше еден циклус кој што ме преокупираше подолго време. Мислам дека го затворив, што не значи дека можеби пак нема да се навратам и да го работам истиот мотив. Мене секојпат ме окупира човечката емоција како главна инспирација каде што можам да дадам најмногу. Се разбира начинот на изработка не мора да значи дека секогаш ќе го користам маслото на платно. Може да е сосема друга техника, може да е сосема друг пристап во реализација на истата тематика“, вели таа.

Инаку, по изложбата во Софија, Касиопеја Наумовска ја чекаат и две ликовни поставки во земјава. Наскоро уметницата со овој одбир збогатен и со големите формати од своето творештво (нешто за што вели дека „особено љуби“) ќе се претстави во галеријата на штипскиот Безистен, а потем поставката е планирано да патува и во Прилеп.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG