Достапни линкови

Нарушена безбедноста на тетовци


Илустрација.
Илустрација.

Пукање и тепање во изборни процеси, немири предизвика од навивачи, ученици фатени со оружје во училиште се дел од инциденти кои влијаат врз безбедноста на тетовци.

Во текот на 2007-та во Тетово десетина девојки добија повреди со нож во серија напади, што создаде атмосфера на страв за личната безбедност во градот. Соња Стрезовски, новинарка во локалната телевизија во Тетово била директен сведок на еден од тие настани кога е нападната нејзина другарка. Иако напаѓачот беше осуден, стравот за сопствената безбедност кој тогаш се јавил кај неа, никогаш не се намалил. Една од причините е и тоа што како новинарка често пати известува токму за слични настани.
Не можам да кажам дека имам чувство дека сум безбедна. Претпазливо се однесувам, на пример избегнувам да одам сама или слично. Како новинарка постојано сум сведок и регистрирам настани од црната хроника кои на некој начин му даваат карактеристика на нашиот град.
Соња Стрезовски, новинарка.

„Не можам да кажам дека имам чувство дека сум безбедна. Претпазливо се однесувам, на пример избегнувам да одам сама или слично. Во Тетово некако постојано се случуваат некои случки кои ме потсетуваат на настаните од 2007 година. Од тогаш до сега и како новинарка постојано сум сведок и регистрирам настани од црната хроника кои на некој начин му даваат карактеристика на нашиот град“, вели Соња Стрезовски.

Во Тетово и новинарите биле напаѓани додека работеле на терен. Такво е искуството на Атанас Соколовски кој беше физички нападнат додека известуваше од демонстрации во 2001 година. Според него големиот број специфични настани од црната хроника не ја нарушуваат општата безбедност во градот, туку проблематично е несоодветното однесување на многу поединци.
Безбедноста е вообичаена како и во секој град, меѓутоа тоа што мене ме изненадува е целосно отсуство на контрола и внимателност на луѓето при секојдневни обични случувања.
Атанас Соколовски, новинар.

„Безбедноста е вообичаена како и во секој град, меѓутоа тоа што мене ме изненадува е целосно отсуство на контрола и внимателност на луѓето при секојдневни обични случувања. Како што е на пример случајот пред година и половина. Човек затоа што не бил пуштен да влезе во кафиќ, со нож повреди односно после тоа почина еден од обезбедувачите, а два-тројца беа повредени. Или случајот со пукање на свадби кои многу често завршуваат со повредени луѓе“, вели Атанас Соколовски.

Егзистенцијалната и социјална нестабилност кај луѓето се најверојатните причини, смета Соколовски.

„Сигурно има повеќе причини, безперспективноста на луѓето што ја чувствуваат па на тој начин се обидуваат да излезат од тој некој затворен круг на проблемите што се соочуваат во секојдневниот живот. На тој начин некој лош издувен вентил, е една од причините“, истакнува Соколовски.

Пукање и тепање во изборни процеси, немири предизвика од навивачи, ученици фатени со оружје во училиште се исто така инциденти и појави кои во текот на изминатите години влијаеја врз безбедноста на тетовци.
XS
SM
MD
LG