Достапни линкови

Неделен печат - Што да очекуваме од изборите?


Сите неделници се занимаваат со изборите. Веројатно е и разбирливо затоа што осум години наназад, нема нема, па избори...

Сите неделници што ги вклучуваме во нашите неделни прегледи, од поодамна, па и во овие, најновите броеви, се занимаваат - со изборите. Веројатно е и разбирливо затоа што осум години наназад, нема нема, па избори... вонредни, се разбира. Излегуваме земја со најмногу изборни циклуси по глава на жител.
Првиот круг на претседателските избори може да биде вовед во суштински пресврт на политичката сцена.

Фокус – Клучен првиот круг на претседателските избори

Никој разумен не може да објасни зошто функцијата претседател на државата, која и според Уставот е маргинална, а откако дпмнеовци се на власт и партизирана, може да биде повод за предвремени парламентарни избори.
Во колумната „За нештата да станат појасни“, Фокус објаснува дека првиот круг на претседателските избори може да биде вовед во суштински пресврт на политичката сцена. Ако Заев со Пендаровски успее да го извади од дома тој корпус на 50 - 60 илјади гласачи (колку што се проценува дека е реалната разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), на оние кои наместо Сител и Канал 5, гледаат Дискавери, Нешенел џеографик и Фокс лајф, тогаш ќе имаме реална политичка битка. Ако резултатот во првиот круг покаже приближна еднаквост, тогаш вториот круг ќе биде потежок од очекуваното за Груевски, тврди Фокус.

Република - Почеток на крајот - последната битка на Заев

Република веќе знае дека Зоран Заев ќе ја водел својата последна битка на претстојните избори, па и на насловната се чита тој наслов: Почеток на крајот - последната битка на Заев. А во Темата на неделата, неделникот открива дека и покрај обидот на дел од говорниците на конгресот на СДСМ да го променат впечатокот, тешко било да се скријат нервозата и стравот кај опозицијата. Иако лидерот Заев и кандидатот Пендаровски се обидоа да внесат енергија и сила во своите говори, Република открива дека во големата свечена сала на Александар палас не можеле да се скријат чувството на неизвесност и стравот од резултатите на претстојните претседателски и парламентарни избори, а тие се базирале на неофицијалните рејтинзи што кружеле низ јавниот простор, но пред сè, и на недостигот од енергија во опозицискиот кампус, пишува Република.

Глобус – Мајтапење на власта со граѓаните

Во редовната колумна Таленти во Глобус, авторот пишува за мајтапењето со граѓаните што го приреди оваа власт со божем „големата“ причина поради која, според однапред договорена минутажа, започна манипулацијата со предвремени избори. Никој разумен не може да објасни зошто функцијата претседател на државата, која и според Уставот е маргинална, а откако дпмнеовци се на власт и партизирана, може да биде повод за предвремени парламентарни избори. Вистинската причина е клиентелистичкиот ортаклук да се продолжи за уште 4 години, а какви се „математиките“ на интегративците брзо ќе се покаже, тврди неделникот. Затоа, сценариото за предвремени парламентарни избори без вистинска причина, е малоумно мајтапење со народот. Гласањето ќе покаже кој навистина е малоумен и дали на граѓаните веќе им е преку глава власта постојано да им го потценува умот и да прави будали од нив? И дали веќе им е смачено да ги гледа првите побратими на уапсениот Субрата Рој, кои со нивни пари си градат барокни палати и кои како и сите диктатори сакаат да владеат вечно, поентира Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG