Достапни линкови

Македонија ги поддржува изјавите на ЕУ за Украина, велат од МНР. Но аналитичарите сметаат дека земјава не треба да се колеба и треба да ги искористи подотворените врати на НАТО.

„Секогаш сме за почитување на повелбата на ОН за суверенитет и почитување на меѓународното право. ЕУ во рамки на меѓународните организации дава изјави во контекст кој го споменавте, а Македонија се асоцира на тие изјави со тоа го произнесува јасно својот став“, ни одговорија од МНР на прашањето дали Македонија ќе го поддржи барањето на ЕУ и САД за повлекување на руските сили од Украина.
ЕУ во рамки на меѓународните организации дава изјави во контекст кој го споменавте, а Македонија се асоцира на тие изјави со тоа го произнесува јасно својот став.

Од кабинетот на претседателот не упатија на соопштението на МНР од пред неколку дена.

Политичкиот аналитичар Ким Мехмети вели дека Македонија во тој поглед воопшто не треба да се колеба и треба да биде на страна на правдата.

„Ако веќе тука има нешто што може да се види и со голо око е тоа што руските сили навлегоа во Украина и од тука нема дилеми на чија страна треба да биде Македонија и не треба да калкулира, зошто сета калкулација може само да и наштети“, вели политичкиот аналитичар Ким Мехмети.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели дека ова е извонредна можност за македонската дипломатија да преземе активности, бидејќи во услови на криза вратите на НАТО се подотвораат.
Што значи дека како аспиранти за ЕУ и НАТО ние треба да ги задржиме тие позиции, но во принцип како што гледам, Македонија нема изграден став, молчи.

„Сега НАТО е заинтересиран и за Црна Гора и за Македонија и за Молдавија и за Грузија и затоа сметам дека со оваа криза ако веќе можеме да профитираме во некоја насока е практично Македонија да побара отворено преку своите дипломатски контакти да стане членка на НАТО“, вели Нано Ружин.

Според Мехмети, војните кои сега се водат колку што се вооружени, толку се и медиумски.

„Дури понекогаш поодлучувачка е медиумската слика која ќе ја создадете за една војна и тука јас мислам дека Македонија е под големо влијание на руската медиумска стварност за сето тоа што се случува во Украина. Јас не можам да објаснам зошто е тоа така, но очигледно дека се стреми тука повеќе да е биде присутна руската вистина, а не украинската.“

Ружин додава дека треба да се размислува рационално и во интерес на Македонија.

„Што значи дека како аспиранти за ЕУ и НАТО ние треба да ги задржиме тие позиции, но во принцип како што гледам, Македонија нема изграден став, молчи. Главно од оние ретки интервенции или од нашите медиуми може да се види дека преовладува една проруска ориентација.“

Мехмети смета дека ситуацијата во Украина може да има последици и на Балканот.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG